Германските здравствени власти почнуваат истрага против студиото што го снима најновото, четврто продолжение на легендарната акциона серија „Матрикс“ за „корона-забава“ во која, наводно, е вмешан и главниот актер Кијану Ривс.
Забавата се одржала во Бранденбург, и покрај мерките за ограничување, и била организирана со цел да се одбележи крајот на снимањето, пренесува „Гардијан“.
На настанот присуствувале околу 200 луѓе, а според германските таблоиди, тие се „маскирале“ во филмска екипа за да можат непречено да се забавуваат.
Забавата се одржала во Бранденбург, во областа на филмското студио „Бабелсберг.“ Во Берлин и Бранденбург е дозволено е да се соберат најмногу педесет лица и мора да се следат строгите правила – собирите мора да бидат најавени однапред, гостите мора да се држат на дистанца и да не ги симнуваат маските освен кога јадат или пијат. Но, се чини дека ова не беше случај со корона-забавата за „Матрикс“.
– Атмосферата беше многу весела, сите претходно беа тестирани за коронавирус и требаше да дојдат со маска, но многу луѓе воопшто не ја носеа. Немаше упатства, а факт е дека не стануваше збор за снимање, туку за забава, никој не снимаше ништо – рече еден гостин на забавата.
Забавата, која почнала во средата по 18 часот, била организирана од продуцентите Лана и Лили Вачовски, пренесува „Гардијан“. Гостите се забавувале на различен начин: имало танчери, диџеи, огномет, а можеле да направат и тетоважа со симболи од филмот. Уживале во суши, саке, пица, колбаси и веганска чоколадна торта. Ривс и неговата партнерка Александра Грант пиеле вино, но ја напуштиле забавата релативно рано.
Портпаролката на студиото, Бјанка Маркаревич, изјави дека не станува збор за забава, туку за „сцена на славење“ и се почитувале сите хигиенски правила. Таа додала дека продуцентскиот тим бил претпазлив во однос на сцената. Портпаролот на Потсдам, сепак, рече дека настанаот не е најавен кај властите, кои треба да одобрат вакви собири.
Новиот „Матрикс“ треба да биде прикажан кон крајот на следната година, па потоа ќе видиме дали сцената на „прославата“ навистина е снимена или филмската екипа само (неодговорно) се забавувала за време на пандемијата.