Голем број Кинези го обвинија милијардерот Илон Маск дека работи за американската влада, а дека неговите сателити ги користат како оружје. И официјален Пекинг се пожали дека биле приморани да ја поместат нивната вселенска станица, за да не дојде до судар со неговите сателити.
Маск ги лансираше сателитите преку неговата програма „Старлинк“, огранок на аерокосмичката компанија SpaceX. Овие сателити досега имале две блиски средби со кинеската вселенска станица на 1 јули и 21 октомври, е наведено во документот кој Кина претходно овој месец го достави до вселенската агенција на Обединетите нации, пренесува „Ројтерс“.
„Од безбедносни причини, Кинеската вселенска станица воведе превентивна контрола за да се избегне судар“, навеле Кинезите во тој документ кој е објавен на веб страната на Канцеларијата на Обединетите нации за вселенски прашања.
Во објавата на кинеската платформа Weibo, која е слична со „Твитер“, еден корисник рчее дека сателитите на Маск само создаваат ѓубре во вселената, додека друг ги опиша како американско оружје за војување во вселената.
Бидејќи постојат речиси 30.000 сателити и други остатоци за кои се верува дека кружат околу планетата, научниците ги повикаа владите да разменат податоци за да го намалат ризикот од катастрофални вселенски судари.
Само SpaseX има распоредено 1900 сателити за да ја опслужуваат широкопојасната мрежа „Старлинк“, а се планира и дополнително распоредување на уште сателити.