Кралицата Елизабета Втора почина денеска на 96 години на својот имот во Шкотска.
Родена е како трета во низата за наследство на тронот. Нејзиниот харизматичен чичко, Едвард Осми, обожаван од народот во Британија, станал крал по смртта на неговиот татко, но се откажал од престолот поради љубовта кон Американката Волис Симпсон.
Бидејќи нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести и мајка и Елизабета немале други деца освен Елизабета и нејзината помала сестра Маргарет, позицијата на британскиот монарх ѝ била загарантирана.
Елизабета уште од мала била една од омилените личности во Британија. Од милост дома ја викале Лилибет, а и неа и сестра ѝ ги огледала гувернантата, која подоцна открила дека Елизабета била посебно дете, уредно, педантно и со големо чувство за одговорност.
Крунисувањето на 26-годишната Елизабета важи за едно од најпопуларните кралски случувања во 20-тиот век, а таа се качи на престолот и донесе нова енергија во банкротираната и воено исцрпена Британија.
За популарноста говори и фактот дека повеќе од 100 милиони луѓе го слушале преносот на радио, а 27 милиони го следеле на телевизија, односно каналот „Би-би-си“.
Бракот со Филип
Кралицата Елизабета Втора и принцот Филип беа во брак 73 години брак. Тоа е најдолгиот брак во историјата на кралските семејства.
Елизабета за првпат го запознала Филип во далечната 1934 година: осумгодишната Елизабета присуствувала на венчавката на братучедот на Филип, каде и се запознале. После пет години, непосредно пред Втората светска војна, Елизабета повторно го сретнала осумнаесетгодишниот Филип и веднаш се заљубила во него.
Елизабета тогаш имала само тринаесет години, но не можела да престане да мисли на него. За време на Втората светска војна, Филип служел како офицер во Кралската морнарица, а парот во тој момент уште повеќе се вљубил и меѓусебно си разменувале писма.
Во 1946 година Филип се вратил од фронтот и ја запросил Елизабета, која била многу среќна и се согласила на венчавка. Меѓутоа, парот морал да ја чува веридбата во тајност до роденденот на Елизабета. Тие официјално ја објавиле веридбата на 9 јули 1947 година, а се венчале на 20 ноември истата година.
За да се ожени со Елизабета, Филип морал многу да жртвува. Прво се откажал од своите титули. Потоа се откажал и од своето германско потекло и станал британски државјанин. На ниту еден член од неговото семејство, вклучувајќи ги и неговите три сестри, не им било дозволено да присуствуваат на свадбата. Утрото пред свадбата Филип одлучил да престане со пушење, затоа што знаел дека Елизабета ја презира таа навика.
Дека нејзиниот сопруг е нејзина најголема поддршка, признала и самата кралица за време на својот говор на денот на „златната свадба“ во 1977 година: „Тој е некој кој не прифаќа лесно комплименти. Едноставно, тој беше и остана моја сила сите овие години“.
Тие сакаа исти работи: диви животни, излети, возење автомобили, јавање коњи. Времето го поминуваа уживајќи заедно.
Познато е дека принцот Филип на својата сопруга ѝ дал необичен прекар – „кобасица“. Поточно кралицата нема природно насмеано лице и на забавите често изгледала мрачно. За време на еден од формалните приеми во Сиднеј, Филип ѝ шепнал на својата сопруга „Не гледај така тажно наоколу, кобасице“. Се разбира, ова ја насмеало кралицата.
Во Англија, високата класа отсекогаш имала одвоени спални соби, а не е исклучок ни кралицата. Во 1949 година двојката се преселила во куќа во близина на палатата, и таму секој од нив имал своја посебна спална соба.
„Не сакате да се мачите со рчење или некој да ви го земе ќебето. А сепак, ако се чувствувате пријатно, делете ја својата соба. Убаво е кога сте во можност да бирате“, објасни еднаш леди Памела Хикс, роднина на принцот Филип.
Без оглед колку време поминувале одделени еден од друг, кралицата и принцот Филип никогаш не престанувале да комуницираат. На пример, во Втората светска војна, принцот Филип служел во британската кралска морнарица и често си пишувале еден на друг.
Како што рекол принцот за време на здравицата по повод прославата за 50-годишнината од бракот: „Главната лекција што ја научивме е дека толеранцијата е една од важните состојки на секој среќен брак. Тоа можеби не е така важно кога работите се добри, но апсолутно е од витална важност кога ќе се појават тешкотии“.
Меѓу своите лични работи, кралицата дефинитивно го фаворизира својот брош, кој ѝ го подарил нејзиниот сопруг во 1966 година. Многу често го носеше, дури и за време на првата божиќна порака на телевизија. Со тоа, кралицата Елизабета тивко му оддаваше чест на својот сопруг, принцот Филип.
Кралицата Елизабета и принцот Филип поминале заедно 73 години. Дури и по толку долго време, двајцата велеа дека нивниот избор бил вистинскиот.
Кралицата уште во далечната 1972 година рекла: „Ако ме прашаат што мислам за семејниот живот по 25 години брак, можам да одговорам со еднаква едноставност и убедување, јас сум за тоа“.