Кралот Чарлс со сопругата Камила ја посетил органската фарма Бродовин во Германија. Тој помогнал во правењето специјално сирење, кое ќе му биде посветено нему.
„Слушнавме дека кралот е голем љубител на сирењето. Го видовме тоа како можност да му направиме сирење“, изјавила Катја фон Малцан, која со сопругот води фарма, оддалечена околу 80 километри од главниот град на Германија, пишува AP News.
Бродовин Кинг е сирење слично на Тилситер. Се внесува во сирењето сок од морков за да му даде малку сладост и портокалова боја, како британскиот чедар. Земјоделците планираат да произведат околу 150 калапи кралско сирење, кое ќе треба да созрее шест до осум недели пред да биде подготвено за јадење.
Освен сирење, фармата произведува и зеленчук, млечни производи, ленено и сончогледово масло, свежо месо и колбаси. Сè по строги органски стандарди.
При пристигнувањето на фармата Бродуин, британскиот крал го обиколи имотот во кој има 160 крави, 300 кози и 1.800 кокошки. Поради силниот дожд не ја обиколил шталата, туку времето го поминувал во млекарницата.
„Некако заглавивме во млекарницата. Но, тоа ни даде можност малку да поразговараме со кралот, што инаку можеби немаше да биде возможно“, изјавила Катја.
Тоа беше прво патување на Чарлс во странство откако стана британски крал. На земјоделците им било голема чест, велат, што кралот решил да дојде на нивната фарма. Чарлс разговарал и со вработените во фармата и им поставувал прашања за органското земјоделство.
„Зборувавме за кравјото ѓубриво и колку е добро за почвата“, раскажала Катја.