Култниот југословенски црвен киоск поставен на Тајмс Сквер во Њујорк

Култниот југословенски црвен киоск поставен на Тајмс Сквер во Њујорк

пред 3 години

Култниот југословенски киоск К67, на познатиот словенечки архитект и дизајнер Саша Махтиг, беше поставен на Тајмс Сквер во Њујорк минатиот месец, како дел од проектот Times Square Transmissions 2021. Тој се користеше како диџејски штанд за пуштање музика, пренесуваат странските медиуми.

Познатата „црвена кутија“ лоцирана на авенијата Бродвеј помеѓу 45-та и 46-та улица е еден од белезите на југословенскиот индустриски дизајн. Модуларниот дизајн и структурата од челик, стакло и фиберглас беше еден од ретките експериментални проекти од 1960-тите што доживеаја производство. 

За време на Југославија, во Киоскот К67 беа сместени продавачи на весници, билетарници, а понекогаш и хот-дог. 

Но во 1999 година, неговото производство беше запрено, а дотогаш беа произведени околу 7500 примероци. Повеќето останаа на просторот на поранешните југословенски држави, а многу од нив беа извезени во странство, како: Полска, Ирак, Кенија, Нов Зеланд, Јапонија, поранешните земји на Советскиот Сојуз и САД. 

Уникатниот и иновативен дизајн го привлече вниманието на експертите од индустријата надвор од социјалистичка Југославија.

Во 1970 година, довршениот прототип беше претставен во „Дизајн“ – влијателно списание за архитектура во тоа време, а многу брзо киоскот беше додаден во колекцијата на Музејот на модерна уметност во Њујорк, каде што се чува до ден-денес.

Во мај, интернет радиостаницата на „Green Point“, „The Lot Radio“ организираше група диџеи кои изведува музика во живо од Тајмс сквер.

Претседателот на Сојузот на Тајмс сквер, кој е одговорен за унапредување и промовирање на истиот, се пошегува дека станува збор за внесување на „малку Европа во Новиот свет“. Тој додаде дека на организацијата толку многу ѝ се допаднал изгледот на киоскот, што го купиле и го однеле таму, па можеби ќе остане таму засекогаш. Не изостанува идеја да се користи како туристичко информативно место или за продажба на храна, пијалаци, книги и весници.

Покрај оваа во Њујорк, копија од киоскот К67 може да се најде и во Берлин, каде е познато туристичко место во кое се наоѓа најмалиот ресторан во градот и во Австралија каде се користи како станица за мерење на квалитетот на воздухот.

 

Share
Scroll to Top