Летата во Охрид почнуваат и завршуваат со „Охридско лето“: Спектакуларен балетски концерт и овации на отворањето на фестивалот

Летата во Охрид почнуваат и завршуваат со „Охридско лето“: Спектакуларен балетски концерт и овации на отворањето на фестивалот

пред 3 години

Со спектакуларниот балетски концерт „Големиот Чајковски“ вчеравечер на Антички театар се одржа свеченото отворање на 61. „Охридско лето“. Гламурот и елеганцијата под отвореното небо на Охрид, беа дополнети со одличната балетска претстава на Националната опера и балет.

Публиката не го криеше воодушевувањето и со долг аплауз и овации ги поздрави сите деведесет уметници што се појавија на сцената на реномираниот фестивал.

Балетските првенци Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васили Чичиашвили и Бобан Ковачевски, во придружба на солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, ја изведоа балетската трилогија „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“ и „Заспаната убавица“, и извадоци од балетот „Ана Каренина“ и операта „Евгениј Онегин“.

Вечерта почна со интонирањето на фестивалската химна и палењето на фестивалскиот оган, по што претседателот Стево Пендаровски, кој е покровител на фестивалот, го прогласи годинашното „Охридско лето“ за отворено.

Пред публиката на Антички се обрати и Министерката за култура, Ирена Стефоска.

„Ниту Охрид може без ‘Охридско лето’, ниту ‘Охридско лето’ може без Охрид. Магијата е взаемна исто како што е магичен и целиот регион. Летата во Охрид почнуваат и завршувааат со ‘Охридско лето’. Сѐ пред тоа и сѐ потоа, е само лето“, рече таа.

На годинашното Охридско лето, што ќе трае до 20 август, ќе настапат околу 500 врвни уметници од 18 земји од светот, со концерти, поетски читања и театарски претстави.

Share
Scroll to Top