Под мотото „Сите сме еднакви“, викендов на ранчот „Кантрисајд“ во општина Ранковце се одбележа Светскиот ден на лицата со попреченост. На настанот што се одржа првпат, триесетина лица со инвалидитет од Ранковце и Крива Паланка, се дружеа со животните кои живеат на ранчот, сликаа муарали и уживаа во одличната музика. Насмеани и расположени, и покрај студеното време, тие не криеја дека се забавуваат одлично, особено децата.
Настанот почна со дружење со животните. Со инструктор од коњичкиот клуб „Анималс“, некои од лицата кои се движат со количка, првпат јаваа на коњ. „Ова е најубавото чувство на светот, не сте свесни колку е убаво“, рекоа похрабрите што не се плашеа да јаваат. Другите ги хранеа коњите, а слушнаа и интересни приказни како овие животни дошле на ранчот на Марија Дуда, една од организаторите на настанот.
„Дружењето со животните е терапија за сите“, вели таа.
Но, имаше и такви што цртаа мурали на ѕидовите на ранчот заедно со учениците од средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Дека на сите им е убаво, покажаа и на крајот на настанот, кога почнаа да пеат заедно со Даниел Данн, кој имаше мини концерт. Едни земаа микрофон, а други танцуваа и се смееја на глас. Рекоа дека и догодина ќе дојдат пак.
Организаторите на настанот „Пинк супорт“ и „Хендикеп плус“, велат дека акаат сваквото дружење ќе прерасне во традиција. Инклузивниот настан го поддржаа и градоначалниците на Крива Паланка и Ранковце, кои испратија пораки со поддршка до лицата со попреченост.
„Мора да признаам дека не ги знам вашите проблеми, но од овој момент вратата на мојата канцеларија ќе ви биде отворена во секое време“, рече градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. И градоначалникот на Ранковце, Борче Спасовски имаше слична порака за лицата со инвалидитет. „Ќе направам сè што можам за го олеснам движењето и животот на лицата попреченост во општината“, рече тој.
Дружењето на лицата со попреченост со животните го поддржаа и бугарската амбасада во Македонија, „ЕУ со тебе“ и „Јуроп хаус“ од Крива Паланка.
Андријана Јовановска