Македонскиот бенд BDM на 8 јули во сабота ќе настапи на еден од најголемите светски музички фестивали, „Егзит“. Ова ќе биде прв настап на BDM во Нови Сад, а сцената ќе ја делат со најголемите имиња на светската електронска музика.
Ќе се претстават со музиката од албумот State of Mind, кој го промовираа пред крајот на 2022 година, а ексклузивно на настапот на Петроварадинската тврдина ќе ја промовираат и новата песна Synapsis.
„Ова е голема чест, но и успех, што ќе бидеме дел од артистите што ќе настапат на „Егзит“ и што можеме да дадеме придонес како македонски претставници на фестивалот. За нас, ова е еден вид награда за сиот минат труд“, велат момците Бане, Мартин и Дуле.
Освен што ќе настапат на „Егзит“, BDM се во преговори и за настап на неколку фестивали низ Европа. Тие веќе подготвуваат материјал за нивниот следен албум, а истовремено работат и на соло музички проекти и неколку соработки со артисти од земјава и регионот.