Македонскиот филм „Преекспонирано“ забранет за јавно прикажување во Каиро

Македонскиот филм „Преекспонирано“ забранет за јавно прикажување во Каиро

пред 1 година

Македонскиот филм „Преекспонирано“, кој ја имаше светската премиера на Интернационалниот фестивал во Каиро, e еден од шесте филмови кој бил забранет за јавно прикажување, пишува Ал Џезеира на арапски.

Иако фестивалот тврди дека филмовите не биле цензурирани или забранети, потврдуваат дека за одредени филмови, меѓу кои и македонскиот „Преекспонирано“, биле ставени ограничувања за влез, односно бил достапен само за полнолетни лица. Сепак Ал Џезеира тврди дека всушност филмот бил достапен само за филмските професионалци акредитирани на фестивалот, како и за критичарите и претставниците на медиумите, додека за локалното население картите биле недостапни.

Од продукцијата ДНФ филмс велат дека се изненадени од оваа вест и за ова дознале дури откако се вратиле од Каиро.

„Навистина сме изненадени од она што го прочитавме. На самата премиера салата беше исполнета и бевме доста задоволни од посетеноста и одзивот, имајќи превид дека нашата премиера се поклопи со отворањето на Светското првенство во Катар. Добивме многу прашања и имаше позитивни реакции, но гледано од оваа точка, повеќето од присутните носеа беџови со акредитации или ни се претставија како новинари.“

Режисерката на филмот, Елеонора Венинова, вели дека оваа вест ги оставила со измешани чувства.

„Од една стана сум благодарна на програмерите и селекторот на фестивалот што не поканија да учествуваме и тоа во официална конкуренција, но фактот што нашиот филм не бил достапен за љубителите на филмот ми остава навистина горчливо чувство. Очигледно од фестивалот презеле ризик да поканат филмови кои третираат теми кои се контроверзни во тоа општество, но на крај последниот збор го имал Комитетот за цензура на Египет. Мислам дека за нив е спорен начинот на кој го третирам бракот и сексуалноста на ликовите во филмот,“ вели Венинова.

Улогите ги толкуваат: Камка Тоциновски, Благој Веселинов, Сара Климовска и друг. Сценариото е на Елеонора Венинова, која е и режисер на филмот.

Share
Scroll to Top