Македонски стрип првпат претставен на мултимедијална изложба во Романија

Македонски стрип првпат претставен на мултимедијална изложба во Романија

пред 2 години

Македонски стрип првпат беше претставен на мултимедијалната изложба CAN for Balkans во Романија.

На изложбата биле претставени фрагменти од стрипови на Љубомир Филиповски, Илија Јордановски, Миле Топуз, Драган Ташковски, Диме Иванов-Димано и Дарко Богданов.

На предлог на Александар Стеванов, стрип хроничар како најемблематичен лик од македонските историски стрипови е избран едноокиот Самуилов војник Никола, кој на изложбата е поставен на посебно пано, отпечатено во реална величина.

Се работи за фиктивен лик, протагонист во стрипот „Одмазда на еднооките“, премиерно објавен во далечната 1966 година, во 69-тиот број на популарната горњимилановачка едиција „Никад робом“. Како комплетен автор на овој стрип од 30 табли, кој е на тема од македонското средновековие, се потпишува Љубомир Филиповски од Скопје, еден од најплодните македонски стрип-творци.

Во втората секција на изложбата е претставена современата перспектива за Балканот во историските стрипови, во форма на 64 дела.

Меѓу изложените стрипови на 67 автори, од кои 27 уметници од осум земји беа избрани на меѓународен конкурс, е и стрип на Славица Купенкова од Скопје, на која на манифестација ѝ беше доделено специјално признание.

CAN for Balkans, која е дел од истоимениот меѓународен проект, ќе биде поставена во Брашов до 13 ноември, по што ќе се пресели во Брисел, Лесковац, Тирана и во Велес.

Share
Scroll to Top