Српската пејачка Марија Шерифовиќ, синоќа одржа хуманитарен онлајн концерт и собра околу 166.666 евра за лекување на малата Миња Матиќ. Миња, која е родена во октомври 2019 година, има спинална мускулна атрофија и не може да ги движи рацете и нозете. За да го гледаат концертот на Марија, фановите требаше да испратат смс порака со која добија шифра за влез на платформата Youbox, преку која се пренесуваше концертот.
Според пиар тимот на Марија, биле испратени над 100.000 пораки, па на овој начин биле собрани околу 20.000.000 динари, што е 166.666 евра.
Иако концертот прво беше најавен за 19 часот, тој почна во 22 часот поради технички потешкотии и бидејќи голем број корисници кои се обиделе да влезат во апликацијата истовремено. Марија за време на концертот, кој траеше 3 часа и 20 минути, ги испеа своите најголеми хитови, а ѝ гостуваа и неколку музичари: Џенан Лончаревиќ, Џејла Рамовиќ и Јована Пајиќ. Во текот на вечерта, во живо се вклучија и Бајага, Никола Роквиќ и Александра Пријовиќ..
Со донации за лекување на Мина помогнале и многу други јавни личности во Србија. Според тамошните медиуми, донации синоќа уплатиле фудбалерот Немања Матиќ (10.000 евра) и кошаркарот Немања Недовиќ (2.000 евра), Лука Јовиќ дал околу 2.000 евра, исто колку и Душко Тошиќ, а жирито на „Ѕвездите на Гранд“ заедно собрале 1.700 евра.