„Маската ја извадив само за сликање“, вели Виктор Исјановски член на Комисијата за заразни болести кој беше на концерт во „Мош“

„Маската ја извадив само за сликање“, вели Виктор Исјановски член на Комисијата за заразни болести кој беше на концерт во „Мош“

пред 3 години

По протестот на музичарите и угостителите во средата, заради забраната која ја донесе Владата за гостувања на музичари и свирки, вчера на социјалните мрежи се појави фотографија од Виктор Исјановски, член на Комисијата за заразни болести. Фотката е од забавата во клубот „Мош“, пред неколку недели, кога настапи пејачот Сергеј Ќетковиќ. Некои музичари ја споделуваа сликата па прашуваа „дали сегашните мерки се донесени пред или откако Исјановски се забавувал во ‘Мош’“.

Виктор Исјановски, за „Репортер“ тврди дека ова е хајка против него и дека кога пеел Сергеј Ќетковиќ се почитувале мерките. Вели дека тој носел маска и дека ја извадил само за сликање, за да има спомен од забавата.

„Јас сум млад човек, сакам и имам право да се забавувам, но секогаш ги почитувам мерките и никогаш не сум дозволил да се најдам во ситуација во која би го загрозил здравјето на другите“, рече Исјановски, кој е и директор на Здравствениот дом Скопје.

Исјановси за „Репортер“, ни кажа дека фотографијата која се шири по социјалните мрежи е направена пред дваесетина дена, кога важеле поинакви протоколи. Тој ни кажа дека бил во клубот со сопругата и уште еден пар, но дека тогаш ги почитувал мерките за заштита од коронавирусот. Вели дека за разлика од свирката на Владо Георгиев, која се одржа во истиот локал и кога не биле почитувани мерките, за време на настапот на Сергеј Ќетковиќ било сè под контрола.

„Фотографијата од мене на свирката на Сергеј Ќетковиќ е вистинска, но е направена пред дваесетина дена. Тогаш мерките и протоколите беа поинакви од сегашните, затоа што и бројките со заразени беа други. На местото каде се одржа свирката беа испочитувани сите протокли. На влезот се даваа маски и дезинфекциски средства. Јас и мојата сопруга, заедно со уште еден пар, носевме маски цело време. Бевме вкупно четворица. Јас маската ја извадив во моментот кога се сликавме затоа што сакав да имам спомен од настанот. Јас сум млад човек и сакам и имам право да се забавувам, но секогаш ги почитувам мерките и никогаш не сум дозволил да се најдам во ситуација во која би го загрозил здравјето на другите. Јас како член на Комисијата сигурно немаше да присуствувам на оваа забава, ако знаев дека мерките и протоколите не се почитуваат. Сметам дека ова е хајка на некои музичари кои се погодени од сегашните мерки. Главната фама претходно се случи поради концертот на Владо Георигиев. На тој концерт јас не присуствував“, ни кажа Виктор Исјановски, член на Комисијата за заразни болести.

За потсетување, газдата на клубот, минатата недела заработи кривична пријава поради непочитување на протоколите, за време на настапот на пејачот Владо Георгиев.

Според одлуката на Владата за новите протоколи, се забранува гостување на диџеи и пејачи, во угостителски објект ќе може да седат само четворица луѓе на една маса и се ограничува музиката во рестораните и кафулињата на 55 децибели.

Љубиша Владимиров 

Share
Scroll to Top