Ме смирува кога ноќе доаѓам сам во Зоолошката, интервју со Ѓорѓи Галетановски - Чомбе

Ме смирува кога ноќе доаѓам сам во Зоолошката, интервју со Ѓорѓи Галетановски – Чомбе

пред 2 години

Директорот на Скопската зоолошка градина Ѓорѓи Галетаносвки – Чомбе, откако е поставен на функцијата па до денес постојано го привлекува вниманието на јавноста. Од една страна како урбан скопски лик кој долги години беше менаџер на познатите ноќни клубови Скопје, од друга страна, пак, како прв човек на зоолошката, кој за кратко време успеа од неа да направи омилено место на децата и на возрасните.

Не е тајна дека изминативе години се подобрени условите во живеалиштата на животните, плус донесоа и сè повеќе егзотични видови животни. Сепак, деновиве, вниманието го привлече и една студентка од факултетот за безбедност, која ја прерипа оградата кај мечките, ги вознемируваше, па доби кривична пријава. И ако тука се поткренати оградите, тоа изгледа не е доволно, а по нејзиното видео на големо за зборуваше дека освен што ги вознемирувала, девојката можела и да настрада.

„Па реално бев изненаден од храброста бидејќи знам што би можело да ѝ се случи ако падне долу. Пред 20 години некој дечко така влегол кај нилскиот коњ и денес нема една нога. Ние имаме и редари и вработени, но некогаш се премалку за да видат сè“, раскажува Галетановски во интервју за „Репортер“.

На прашањето пак дали се случило да излезе некое животно од своето живеалиште тој ни открива: „Крокодилот Ганчо ја помина оградата која била скината, а тоа беше само што почнав. За среќа вработените го најдоа рано сабајле и беше вратен во живеалиштето, а истиот ден оградата беше сменета. Во такви моменти прво следи евакуација на посетители и екипирање на вработените“, ни открива директорот на скопската ЗОО, кој го носи прекарот Чомбе.

За тоа зошто сите го викаа по прекар, а не по вистинското име, и тука има приказна: Прекарот ми е од лик од култната серија „Трст виа Скопје“ и ете така ми остана до ден денес. А и јас останав ист до денес, открива Галетановски.

Пред да стане директор тој беше дел од скопскиот ноќен живот.

„Клубовите и концертите ми беа професија. На 18 години  очнав да работам и се задржав малку предолго. Но, не се каам. Во 2018 година ме назначија за в.д. директор на скопската ЗОО и искрено многу тешко се навикнав да станувам во 7 часот, бидејќи 20 години си легнував во 4 сабајле. Кога работиш таква работа, живееш друг живот, навидум лесен, но многу тежок. Менаџерството имаше и убави, но и лоши страни. Имаш сè, но немаш мир и приватност. Ама пак ќе кажам, не се каам. Улицата ме научи многу“, искрен е Галетановски.

Изминативе две години пандемијата му наштети многу на ноќниот живот и на кафеанџиите. Чомбе вели дека и тоа го погодило оти Скопје секогаш имал ноќен живот.

„Порано можеби беше поубаво, но верувам со отворање на уште неколку убави локали и враќање на младите во земјава ќе се врати и сјајот. Јас сум човек кој сака да се дружи, а и ден денес се дружам со истите другари со кој сум буквално од пет години. Се дружам и со оние од постарата генерација, кои го креираа некогаш ноќниот живот во Скопје. На пример, почнав да работам за Камењар и Пеџа и тие ме научија на менаџерството. Со нив почнав. Но работете секогаш се менуваат и тоа е животен тек. И денес сакам да седнам на кафе и искрено сите кафулиња што ги посетувам се на мои пријатели и сите ми се омилени“, раскажува Галетновски во „Репортер“, за времињата некогаш, но и за градскиот живот денес.

За овие четири години, откако е директор, за него се врзуваа секакви муабети, од оние дека одел во казино, до прекршувањето на мерките кога отиде да навива ракомет, среде пандемија. Тој прилично е активен и на социјалните мрежи, влегува во дискусии, а оние кои го познаваат велат дека е прилично искрен. Па така и сега вели: „Нормално е да има и лоши коментари за мене, па не може сите да те фалат. А, во казино сум бил, и кој е тој што не бил? За ракометниот натпревар и сликата без маски ќе кажам дека беше наше невнимание за кое плативме казни за прекршување протоколите“.

Кога е во прашање зоолошката, ни открива дека често знае да дојде тука ноќе сам и да пешачи низ неа.

„Тоа ме смирува, тоа е друг свет. Посебно ноќе кога доаѓам, знам да пешачам сам низ зоо.“, открива Галетнаовски кој ни призна и дека и тој и целиот тим емотивно се врзуваат за животните.

„Па јас и мојот тим направивме се што можеме за да ја подигнеме зоолошката и таа да биде на мапата за шетање на сите граѓани од Македонија, но и на многу странски туристи. Најважна ни беше хигиената, а после реновиравме и градевме живеалишта. Донесовме многу видови на животни кој денес живеат во подобри услови. Особено не погоди сите смртта на жирафата која се случи ненадејно. Тука е и приказната за мечето од Штип за кое најзаслужна Тина која е пи-ар на ЗОО и која заедно со една бугарска фондација се заложија и со големи напори успеавме да го спасиме, односно да го испратиме од Битола во зоолошката на Брижит Бардо“, раскажува Галетановски за “Репортер“.

На прашањето што ќе прави ако го сменат од функцијата вели: Па никој не е вечно на функцијата. Кога не би бил директор на зоо би бил во некоја институција каде што фали тим билдинг и менаџмент. Или би се вратил во приватниот сектор“, вели Чомбе.

Александра Георгиев

 

Share
Scroll to Top