Композиторот и текстописец Мирослав Рус ќе ја добие специјалната награда за промоција на музиката на Балканот на годинашниот „Охрид-фест“. Наградата Рус ја добива како еден од најплодните автори од Хрватска, чии песни ги пееле Здравко Чолиќ, Жељко Бебек, Мишо Ковач, Нина Бадриќ, Црвена јабука, Калиопи, Тоше Проески. Познатиот музичар е автор и на албумот „Игри без граници“, последниот што го сними Тоше.
„Оваа награда ми дава сила да истраам по немирниот пат на создавањето, ама и ми буди многу сеќавања за земјата од која доаѓаат луѓе кои оставија длабока трага во мојот живот. Самиот Балкан политички спојувал и раздвојувал, но музиката секогаш само нè спојувала“, вели Рус.
Тој додава дека е нераскинливо поврзан со Македонија, со музичари, но и со политичари и со обичните луѓе, па секогаш со задоволство доаѓа во земјата.
„Ја познавам и вашата традиционална музика на која ѝ нема рамна на Балканот, кујната ја обожавам, а ја вкусив и срдечноста што ве краси. Сепак, мојата прва асоцијација беше и остана Тоше Проески“, вели композиторот.
Годинашниот „Охрид фест“ ќе се одржи на 10 и 11 септември на сцената на Долни Сарај во Охрид, а ќе има две вечери, фолк и интернационална.