Пејачката Наташа Крстевска во јавноста е позната како Мијата. Дури и во 2004 години кога пееше на првиот регионален „Идол“, скоро никој не го знаеше нејзиното вистинско име. Осумнаесет години подоцна, таа со истиот ентузијазам снима песни и веќе работи на својот втор албум, кој треба да излезе до декември.
„Мене снимањето музика не ми се исплати. Иако сум кантавтор, од тоа не се заработува многу. Ама ако имав повеќе настапи, можеби би било поинаку, па би ми се исплатило пеењето“, искрена е Мијата.
Завршила нижо музичко, па запишала медицина во САД. Но во тоа време починал татко ѝ, па се откажала од студиите. Денес работи како контролор на летање на скопскиот аеродром. Вели не е лесно да се биде во контролната кула, затоа што секогаш мора да е спремна ако работите тргнат некогаш наопаку, сите оние непредвидени ситуации кога мора да разговара со пилотите и да им помогне безбедно да полетаат или да слетаат во Скопје.
„Мора да си смирен за да не испаничиш кога ќе се случи нешто. Има ситуации кога пилотот толку смирено ти кажува дека има проблем, што ти и не сфаќаш веднаш дека ситуацијата е полукритична. Но мора да кажам и дека авионскиот е најбезбедниот сообраќај од сите“, вели таа за „Репортер“.
Пред да почне да се занимава со оваа работа таа студирала медицина, а сонот бил да стане докторка.
„Студирав две години медицина во Охајо, а татко ми, кој беше професор по физика и астрофизика на ПМФ, доби понуда да биде визитинг професор на мојот колеџ. Требаше заедно да тргнеме за Америка, ама почина една недела пред да полетаме. Јас не планирав да сменам професија, ама кога ќе изгубиш еден родител, се плашиш да не го изгубиш и другиот. По неговата смрт заминав за Америка за да го завршам семестарот, а кога летото дојдов во Скопје, мајка ми беше чудна, а уште и кога ми покажа оглас за вработување, сфатив дека сакам да останам за да не е сама“, се сеќава Мијата. И додава дека не жали за одлуката, иако низ смеа вели дека сигурно би била одличен лекар.
Муабетите со Мијата немаат крај. Од тоа како го добила името по кое ја знае публиката, преку песните што сама ги пишува, до медицината, зошто не стана хирург, но и за времето во „Идол“. Зборувавме и за тоа како се запознала со сопругот кој е спортски новинар, за синот и ќерката, како се справува со стресот на работа кога некој авион има проблем и за чувството кога првпат сама седнала во контролната кула… гледајте го видеото.
Андријана Јовановска