(Видео) МКЦ - Скопје влезе во Европската Унија

(Видео) МКЦ – Скопје влезе во Европската Унија

пред 3 години

Младинскиот културен центар стана полноправна членка на најреномираната мрежа на концертни сали во Европа, „Лајвјуроп“ (Liveurope). Станува збор за мрежа на легендарни европски концертни сали кои се од огромна важност за функционирањето на европската музичка индустрија.

„Лајвјуроп“ е платформа која се перцепира како сертификат за квалитет кој се доделува на концертни сали кои работат посветено на претставување на европската култура, на европската музичка сцена.

Програмата „Креативна Европа“ на ЕУ, од која е дел „Лајвјуроп“ поврзува култни места по региони, високо професионални инфраструктури, со цел размена на добри практики и заеднички млади и нови уметнички откритија.

За Русе Арсов, директорот на МКЦ ова е награда за сè она што го работеле изминатите години, а посебно последната година во време на пандемија, кога беа сработени околу 130 концерти.

„Ова е награда за сè она што го работевме изминатите години, а посебно последната година во време на пандемија кога успеавме да сработиме околу 130 концерти. Мрежата е првенствено насочена спрема младите бендови и нивната европска промоција, како и кон промоција на европските бендови на нашата сцена“, објасни директорот на МКЦ Русе Арсов.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов пак, посочи дека до лани имаше 16 вакви концертни локации од 16 држави во Европа, меѓу кои се Melkweg (Амстердам), Vega (Копенхаген), Ancienne Belgique (Брисел), а единствен од регионот беше културниот центар Kino Šiška од Љубљана.

„Од годинава, МКЦ заедно со уште 4 концертни сали од Линц, Братислава, Загреб и Солун стануваат дел од оваа платформа, со што и официјално се потврдува вредноста која што МКЦ ја има во културниот живот на државата и во културниот живот на градот, но и во посветеноста на промоцијата на европските вредности и на европската култура на младите автори во Македонија кои се дел од оваа сцена“, истакна Шилегов.

Инаку, во однос на функционирањето, „Лајвјуроп“ нуди поддршка во форма на финансиски бонус на концертните сали што се дел од платформата, а идејата е да им овозможи да работат во постојан континуитет, т.е. да промовираат европски артисти секоја година. Концертните сали притоа имаат целосна автономија во нивното програмско одлучување, сѐ додека музичките артисти што ги букираат се надоаѓачки млади европски таленти.

„Самиот факт што Младинскиот културен центар, со својата посветена работа, ентузијазам, напредно програмско делување и неуморност, успеа да биде препознаена како клучна институција, силно ја валидира нашата работа и секако нашата меѓународна позиција како важен играч во европската, па и светската музичка индустрија“, посочија од оваа институција.

Во МКЦ веќе се во план неколку настани во текот на летниот период, кои ќе бидат дел од оваа иницијатива.

Share
Scroll to Top