Фудбалерот Златан Ибрахимовиќ, кој важи за човек што никогаш не зборува за приватниот живот, откри дека брат му Сапко пред седум години му починал на раце. Во интервју за „Кориере дела сера“, Златан првпат зборуваше и за својот татко, но и за проблематичното детство, спомените од Југославија и времето на војната кога со семејството избегале во Шведска.
„Татко ми многу страдаше поради војната во Југославија. Секој ден добиваше вести како загинал некој што го познава. Им помагаше на бегалците, а мене секогаш се обидуваше да ме заштити од тоа. Кога почина сестра му во Шведска, не ми дозволи да одам на погребот. Но, кога почина мојот брат Сапко од леукемија, бев со него. Ме чекаше да дојдам за да умре. Почина пред моите очи, ја видов неговата смрт. Го погребавме според муслимански обичаи. Татко ми не пушти ни солза. Утредента отиде на гробиштата и плачеше од утро до вечер сам“, вели Ибрахимовиќ во интервјуто.
„Не верувам во Господ, само во себе. Така и научив омразата кон себе да ја претворам во оружје“, додава тој.
Фудбалерот за себе вели дека отсекогаш бил проблематичен.
„Како дете бев тежок, проблематичен. Кога сум се родил, бабицата ме испуштила од еден метар височина. Целиот мој живот ми беше тежок. На училиште бев поинаков, другите беа со светол тен, исто така со светли очи и со нормален нос. Јас бев темен, со голем нос. Зборував поинаку од нив, поинаку се движев. Родителите на моите школски другари потпишуваа петиции да ме избркаат од класот. Омразата ме следела секогаш. На почетокот реагирав лошо. Бев изолиран. Подоцна научив како да ги претворам страдањата и омразата во сила“.
Светската ѕвезда вели дека дека е Швеѓанец, но и со мешано потекло.
„Мајка ми е Хрватка, католик, а татко ми е муслиман од БиХ. И иако поголемиот дел од кариерата го поминав во Италија, моите најрани сеќавања се од Југославија. Таму ме возеа со автомобил, патувавме и со воз. Тоа беше уште во времето на комунизмот. Сосема друг свет“, рекол Златан.