Надал ќе игра против Медведев во финалето на Австралија опен за рекордна 21. Гренд слем титула

Надал ќе игра против Медведев во финалето на Австралија опен за рекордна 21. Гренд слем титула

пред 3 години

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал ќе игра во финалето на Австралија опен и може да испише историја ако ја освои рекордната 21. Гренд слем титула во кариерата. Тој во финалето ќе игра против рускиот тенисер Данил Медведев.

Надал се избори за финалето откако го победи Матео Беретини со 3-1 во сетови и со тоа се пласираше во своето 29. Гренд слем финале во кариерата.

„Лани поминав низ многу предизвикувачки моменти. Долго време воопшто не можев да тренирам и имав многу разговори со мојот тим и моето семејство околу тоа дали можеби е време да кажам збогум. Навистина сум изненаден што и натаму можам да играм тенис на ова ниво“, изјави Надал, кој има само една титула од Мелбурн, а ја освои 2009 година.

Медведев, кој е втор најдобар тенисер во светот во моментов, лани во финалето изгуби од Ѓоковиќ, но сега има можност да ја освои втората Гренд слем титула во низа, откако лани славеше на Ју-Ес опен.

„Ќе играм против еден од најголемите, кој оди на својата 21. Гренд слем титула. Мислам дека и Новак ќе го гледа мечот“, изјави Русинот, кој неколку пати во текот на турнирот изјавуваше дека кога му било најтешко, размислувал како би одиграл Новак во таа ситуација и наоѓал начин да победи во изгубен натпревар.

Денеска се игра женското финале, во кое настапуваат Австралијката Ешли Барти и Американката Даниел Колинс.

Share
Scroll to Top