Остануваат само уште неколку дена до свеченото претставување на првите фотографии направени од новиот вселенски телескоп Џејмс Веб. Како што соопшти НАСА, фотографиите ќе и бидат претставени на јавноста на 12 јули 2022 година, а според изјавите на научниците кои веќе ги виделе фотографиите, станува збор за „историски фотографии“.
„Она што го видов ме трогна како научник, како инженер и како човек“, рече заменик директорот на НАСА, Пем Мелрој во разговор со новинарите.
„Навистина е тешко да не го видите универзумот во ново светло и да не го доживеете тој момент многу лично. Тоа е емотивен момент кога одеднаш разбирате некои од тајните на универзумот“, откри менаџерот на научната мисија на НАСА, Томас Зурбухен.
И првата фотографија, која всушност беше направена за време на калибрацијата на инструментот и тестот за термичка стабилност во средината на мај, покажа дека ни претстои вистинско уживање.
Како што истакнаа од НАСА, фотографијата не е создадена како дел од научна опсервација, туку укажува на моќта на телескопот. Така, ѕвездите можат јасно да се видат со нивните долги, остро дефинирани дифракциони шила.
Фотографијата е направена со 72 експозиции во текот на 32 часа и е една од најдлабоките слики од вселената некогаш направени.
Светлата ѕвезда на десниот раб е 2MASS 16235798+2826079. Има само неколку ѕвезди на оваа слика – се разликуваат по нивните дифракциони шила. Останатите објекти се илјадници бледи галаксии, некои во блискиот универзум, но многу, многу повеќе во далечниот универзум, се вели во соопштението на НАСА.