Македонскиот претставник Васил Гарванлиев, не влезе во финалето на Евросонг, што ќе се одржи на 22 мај во Ротердам. Тој пееше вчеравечер во првото полуфинале, а песната Here I Stand ја напиша самиот. И иако нема да пее во финалето во сабота, Васил вели дека сепак не е разочаран и дека најдоброто допрва доаѓа. Рече и дека горд на екипата што работела на проектот.
„Ја чувствувам љубовта и поддршката што ја добивам од публиката. Задоволен сум што луѓето ја препознаа пораката што сакав да ја испратам со песната и настапот: ќе ја обоиме темнината со светлина и ќе ја исполниме омразата со љубов“, вели Васил.
Раскажува дека тоа што го доживеал изминативе неколку месеци, но и настапот на евровизиската сцена, за него се голем историски момент.
„И повеќе од тоа, ова е мојата приказна. Застанав на таа сцена со искрена и отворена душа, гордо да ја претставам Македонија и пеев за сите нас. Благодарен сум и горд, и ова е само почеток на едно неверојатно патешествие. Нема да го заборавам тоа! Стоиме заедно и силни. Стојам тука за вас и најдоброто допрва следува“, рече Васил по настапот.
Задоволна од настапот на Васил е и Александра Јовановска, која долги години е дел од македонскиот евровизиски тим. Овојпат таа беше на Евросонг и како шеф на делегацијата и како шеф на прес.
„Благодарам од срце на сите што ни испратија љубов и поддршка откако го видоа настапот на Васил. Ова беше неверојатна евровизиска приказна што заврши со настап со кој сите може да се гордееме. Васил доминираше на сцената и ние се чувствуваме како победници затоа што ја претстави Македонија на највисоко ниво и ја даде сета своја енергија и страст на сцената за својата земја“, вели Александра.
Таа додава и дека е горда што Македонија покажа дека може да се натпреварува на највисоко интернационално ниво и да има забележан настап.
„Една земја ќе го понесе трофејот на крајот, но сите останати заедно ја соеднија Европа по страшната пандемија која ни се случи“, рече таа.
За потсетување, во првото полуфинале настапија 16 земји, а десет од нив поминаа понатаму: Норвешка, Израел, Русија, Азербејџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија и Украина. Тие заедно со уште десет земји од второто полуфинале, земјата домаќин Холандија и членките на големата петорка: Италија, Франција, Германија, Шпанија и Велика Британија, ќе настапат во финалето што ќе се одржи во сабота, на 22 мај во „Ахој“ арената.