„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар-Митевска ќе се прикажува на 12 филмски фестивали во светот

„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар-Митевска ќе се прикажува на 12 филмски фестивали во светот

пред 1 година

„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар-Митевска во март и во април, патува на дванаесет фестивали низ целиот свет. Како што најавуваат од продукцијата, оваа пролет филмот ќе се прикажува и низ кината во Латинска Америка, Азија и во други европски земји.

„Започнувајќи со Филмскиот фестивал во Мајами, продолжува на Софискиот филмски фестивал, па на Картагена филмскиот фестивал во Колумбија. Потоа во Шпанија, на Фестивалот во Барселона, па на Кливленд филмскиот фестивал во САД, па повторно во Франција, каде што веќе освои неколку награди, но овој пат во Лунел. Потоа во Полска, на Филмскиот фестивал „Еуроазија“, како и во Краков, на Оф камера филмскиот фестивал, потоа на Филмскиот фестивал во Висконсин во САД, па во Њујорк и Милвоки. Априлската тура на овој филм завршува со прикажување на два фестивала каде што Теона Стругар-Митевска е член на жиријата. Прво во Истанбул, а потоа и во Линц, Австрија, на Кросинг Европа фестивалот, каде што Теона ја освои првата награда со своето првенче „Како убив светец„“, информираат од продукцијата.

По светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција и учеството на Фестивалот во Торонто минатата есен, „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар-Митевска започна со редовна кинодистрибуција во шест европски земји. Светската дистрибуција ја стартува во Франција, каде што ќе се прикажува во 37 киносали. Киноприкажувањето во оваа земја е водено од „Пирамид“, една од најпрестижните дистрибутерски куќи во Франција и во Европа, која го дистрибуираше и претходниот филм на Митевска – „Господ постои, нејзиното име е Петрунија“. Во Шведска, пак, филмот ќе почне да се прикажува во киносалите на 31 март.

 

 

 

Share
Scroll to Top