Свечено се отворија јубилејните 60-ти „Струшки вечери на поезијата“
Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ со традиционално палење на поетскиот оган свечено се отвори на летната тераса на хотелот „Дрим“ во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на владини претставници и љубители на пишаниот збор.
Вечерта ја отвори поетот и писател Јован Стрезовски, кој имаше наративно излагање, ставајќи акцент на историјата на фестивалот, на неговото создавање, тек и растеж.
„Нашиот голем Блаже Конески, кому оваа година му ја чествуваме 100-годишнината од раѓањето, кога во 1981 година беше прогласен за добитник на ‘Златниот венец’ и кога требеше да објавиме избор од неговата поезија, ни испрати најкраток, строго направен избор. Кога му јавивме дека книгата ќе биде мала и ќе се изгуби на полиците меѓу дебелите книги на другите добитници, ни рече дека ‘за поезијата не е важно колку е голема книгата, туку – да биде добра’. Секое писмо што ми го испраќаше го завршуваше со следниот поздрав: ‘Биди ми добра мисла’ или ‘Остани со добра мисла’. Па, еве, на крајот, и јас ве поздравувам со тие негови зборови: ‘Останете со добра мисла’“, рече во своето обраќање Стрезовски.
Обраќање имаше и министерката за култура, Ирена Стефоска, чиј говор беше изведен во акростих од песната „Т’га за југ“ на Константин Миладинов.
„Тивката Струга по 60-ти пат ги рашири своите прегратки за поетите од целиот свет. Гостољубива е нашата Струга. Во неа добредојдени сме сите. А дури и Дрим денеска ги стивна своите води за да ги слушнеме стиховите, за да се напоиме со збор во ова време без зборови. Нека се множат годините на ‘Струшките вечери на поезијата’“, рече во своето обраќање министерката Стефоска.
Специјално видеообраќање имаше и годинешната лауреатка, британската поетеса Керол Ен Дафи, која рече:
„Во овие сурови, мрачни времиња за светот, трогната сум што пред мојот праг го наоѓам сјајот на ‘Златниот венец’. Последниве 18 месеци изразот ‘останав без зборови’ доби ново значење за мене како поетеса, па оваа прекрасна награда од Струга ми го врати духот и радосна сум што сум добредојдена во оваа голема македонска традиција на вреднување на поезијата.
Вечерта продолжи со меѓународната манифестација „Поетски меридијани“, на која настапија поголем дел од странските гости.
„Струшките вечери на поезијата“, кои ќе траат до 30 август, годинава се одржуваат под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови“ .