„Не очекував дека толку ќе се зборува за мене“ - Драгана Левенска за отворениот брак во „Преспав“

„Не очекував дека толку ќе се зборува за мене“ – Драгана Левенска за отворениот брак во „Преспав“

пред 3 години

Актерката Драгана Левенска преку ноќ го привлече вниманието на јавноста кога во хит-серијата „Преспав“ се појави како Благородна, дамата во отворен брак со разголени гради. Драгана вели дека баш улогата во серијата ѝ е исполнување на сонот оти одамна сакала да глуми во популарната комедија. Авторите ѝ понудиле интересна улога, која ѝ се допадна, и тоа баш во петтата сезона.

„Искрено, не очекував дека толку многу ќе се пишува за таа епизода. Позитивно се изненадив. Првпат добив повратен одговор за нешто што сум го сработила и ми е многу драго. Јас одамна имав желба да играм во ‘Преспав’, но некако минатите години не се случи тоа во право време со некоја интересна и конкретна улога. Сега, благодарение на Иван Иванов-Изи, кој веруваше во мене и ме виде во таа улога, ја одглумив Благородна“, раскажа Драгана за „Репортер“.

Оваа беше една од ретките улоги што Драгана ги играше годинава кога поради пандемијата, театрите се затворија. Глуми од дете во аматерски претстави, а првата професионална улога ја добила уште пред да се запише на Академијата. По дипломирањето, се вработила во МНТ, но глумела и во „Комедија“ и во Драмски. Од „Животот е прекрасен“, „Волшебната ламба“, „Говорна мана“, преку „Вртелешка“, „Вејка на ветрот“ и „Женски оркестар“, до „Госпоѓа министерка“ и „Жени од подземјето“, вели дека секоја улога ѝ била поинаква, но еднакво драга.

„Ми недостигаат театарот, аплаузот, колегите, сцената. Со душа чекам да почнат и пробите и претставите. Верувам дека што побргу сите ќе се вратиме во театарот, не само со старите туку и со нови претстави“, ни рече таа.

Освен во театар, глумела и во неколку филмови. „Театарот е уметност на мигот, а филмот е траен печат“, вели таа и додава: „Уживам да работам во двете сфери. Уште од основно посетував работилници за театар, учествував во аматерски претстави, некои претстави буквално по шестпати сум ги гледала. Првата улога ја добив во претставата ‘Умри машки’ во Мал драмски, приватен театар во Битола, а која премиерно ја игравме во Крањ, Словенија“, вели таа.

Ретко кој знае дека пред да се запише на глума Драгана три години студирала на Факултетот за книжевност. За годините поминати таму вели дека ѝ дале знаење и самодоверба и ѝ помогнале да стигне до таму кај што е денес.

„На книжевност не се запишав зашто сакав, туку зашто морав. Имав еден долг пат и не беше лесно, но тој факултет ме донесе таму каде што сакав да бидам. Запознав прекрасни луѓе, ретко културни и добри луѓе, учев од големи професори, за мене најдобрите, и со некои од нив и ден-денес знам да испијам кафе. Ми беа поддршка и се радуваа на секоја моја улога“, додава актерката.

На нејзините улоги еднакво се радува мајка ѝ, но и актерката Звездана Ангеловска.

„Мајка ми ми е и поддршка и инспирација, а од Звездана секојдневно учам многу работи не само затоа што е голем актер туку, пред сè, таа е прекрасен човек“.

А. Јовановска

Share
Scroll to Top