Николоски: Шест автопати се градат истовремено, Македонија со силен инфраструктурен подем

Николоски: Шест автопати се градат истовремено, Македонија со силен инфраструктурен подем

пред 3 часа

Во Македонија истовремено се градат шест автопатски делници, а според заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, овие инвестиции треба да донесат подобра поврзаност меѓу регионите и поттик за економскиот развој.

Во вечерашното гостување во емисијата „Колегиум“ на Алфа ТВ, Николоски зборуваше за динамиката на градежните работи, предизвиците на терен и очекуваните рокови за завршување на повеќе делници.

За автопатот Кичево–Охрид најави дека очекува поголема делница да биде пуштена во употреба во следниот месец, а целиот автопат да биде завршен напролет, во зависност од временските услови.

Посебно се осврна на Кичево–Букојчани, чија изградба започна на 12 октомври. Според него, оваа делница е клучна за поврзување на автопатските проекти во западниот дел на државата и за заокружување на врската од Скопје, преку Тетово, Гостивар и Кичево, кон Охрид и Струга.

„Со овој автопат целиот Коридор 8 добива смисла“, истакна Николоски, објаснувајќи дека делницата ќе ги поврзе останатите автопатски решенија што се градат на овој правец.

Тој посочи дека трасата минува низ тежок планински терен и предвидува тунел долг 370 метри, пет големи вијадукти, четири помали мостови, пет натпатници, четири потпатници и две клучки. Го истакна и учеството на домашните инженерски компании во проектот.

Рокот за изведба на Кичево–Букојчани е четири години, но, според Николоски, изведувачите најавуваат дека работите би можеле да ги завршат за три години и шест месеци.

За автопатот Прилеп–Битола, министерот оцени дека изградбата напредува со одлична динамика. Рокот за завршување е до крајот на 2029 година, а неговото очекување е веќе во 2027 година да бидат отворени околу 12 од вкупно 40 километри.

И делницата Тетово–Гостивар, според најавите, треба да биде завршена до крајот на 2029 година. Николоски нагласи дека и на оваа траса има значителен број објекти и градежни предизвици, на чие решавање се работи.

Како најтешка за изградба ја издвои делницата Гостивар–Букојчани, долга 31 километар, која ја нарече обиколница на Стража. Поради планинскиот терен и бројните мостови, нејзиното завршување го очекува во периодот 2029–2030 година.

„Има многу мостови, еве веќе почна осмиот мост да се работи овие денови“, посочи Николоски.

Министерот изрази очекување дека предвидените рокови ќе бидат испочитувани, нагласувајќи го значењето на проектите за поврзувањето на главните патни правци во земјава.

Share
Scroll to Top