Околу 70 проценти од жените барем еднаш во животот имале вагинална кандидијаза. Во нормални услови вагиналниот Lactobacillus ја држи оваа габа под контрола. Во момент на намалување на неговото ниво во вагиналната микрофлора, Candida-та се намножува и предизвикува вагинална инфекција. Разговаравме со Д-р Олгица Михајлова од „Промедика медика центар“, за проблемот со кој се соочуваат жените.
„Вагиналната кандидијаза е најчест тип на инфекција кај жените и честа причина за посета на гинеколог. Во 90% е причинета од Candida albicans, а 10% од останатите соеви на кандида (пр. Candida glabrata). Candida albicans e oпортунистички фунгален патоген кој е дел од нормалната микрофлора на хуманиот дигестивен тракт. Делови од човековото тело со асимптоматска колонизација се вагината, ректумот и оралната празнина. Околу 70% од жените барем еднаш во животот имале вагинална кандидијаза“, објаснува докторката.
Предиспонирачки се оние фактори кои ја влошуваат вагиналната микрофлора, а тоа се: употреба на имуносупресиви или антибиотици, бременост, дијабетис, анемија. Таа клинички се манифестира со: вагинално чешање, сувост и локално црвенило, густ, бел, сирест вагинален секрет, печење, болно уринирање па и болен сексуален однос
Докторка Михајлова вели дека дијагнозата се поставува врз основа на клиничкиот наод, како и микроскопско докажување, а терапијата е вагиналети, крем, орални таблети. Важна е и превенцијата од ова, додава Михајлова, па советува дамите да носат памучна долна облека и да избегнуваат хемиски иританти (сапуни, гелови за туширање).
„Вагинална кандидијаза во бременост е многу честа појава. Употребата на локални антимикотични креми и вагиналети е безбедна во било кој дел од бременоста“ додава Д-р Олгица Михајлова од „Промедика медика центар“.