Од рак почина 31-годишната Џејн Марчевски, миленичката на шоуто „Америка има талент“

Од рак почина 31-годишната Џејн Марчевски, миленичката на шоуто „Америка има талент“

пред 2 години

Џејн „Nightbirde“ Марчевски (31), која лани го освои жирото на шоуто „Америка има талент“, во саботата ја загуби четиригодишната битка со ракот. Извор близок до пејачката за TMZ потврди дека починала по повеќемесечно лекување откако болеста се прошири на нејзините бели дробови, ‘рбетот и црниот дроб.

„Твојот глас, твојата приказна и твојата порака допреа до милиони. Nightbirde секогаш ќе биде член на семејството America’s Got Talent. Почивај во мир“, стои на нивниот официјален инстаграм-профил.

За време на изведбата на нејзината авторска песна I’m OK ги освои срцата на сите присутни, вклучувајќи го и суровиот судија Сајмон Кауел, кој се расплака откако ја слушна нејзината приказна. Иако доби златен тастер, сепак поради борбата со тешката болест, пред шест месеци беше принудена да се повлече од натпреварот. Тогаш таа сподели порака до своите обожаватели на денот кога започна финалето на шоуто.

„Толку ми е тешко да не бидам на сцената оваа недела. Се обложувам дека никогаш не сте виделе некој што толку силно се бори, но и толку многу губи истовремено. Не требаше вака да заврши приказната“, рече таа.

Сепак, иако прерано го загуби својот живот, таа успеа да си го оствари сонот. Нејзината авторска песна стана огромен хит, а видеото од нејзината изведба беше второ по гледаност на YouTube.

Американската пејачка отворено говореше за својата битка со ракот, па во една пригода кажа дека еднаш веќе се изборила со рак на дојката, но повторно се вратил.

„Имам два проценти шанси за преживување, но два проценти не се нула проценти. Два проценти се нешто и посакувам луѓето да знаат колку е тоа прекрасно“, велеше таа.

Нејзиното семејство исто така се огласи по смртта на пејачката од Охајо.

„Ние како семејство сме скршени од болка поради нејзината смрт и незамисливата загуба. Многу од вас ја помнат по настапот во America’s Got Talent каде ја изведе песната It’s Ok и инспирираше милиони луѓе во светот со нејзините пораки за надеж и истрајност. Тие што ја познаваа уживаа во нејзиното големо срце и смислата за хумор. Имаше досетлива шега за секоја пригода, дури и кога се шегуваше на своја сметка. Ќе ја помниме по надежта што ја даде преку нејзината музика и силата што ја наоѓаше во вербата во Бога“, рекоа тие во соопштението.

(Видео) Девојка болна од рак растури на „America’s Got Talent“

Share
Scroll to Top