Општина Битола: Претставен Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2026 година

Општина Битола: Претставен Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2026 година

пред 3 часа

Во Агенцијата за вработување во Битола денеска беше презентиран Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2026 година.

На настанот присуствуваа заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески, како и претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски.

Со Оперативниот план за 2026 година посебен акцент се става на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработените и корисниците на гарантирана минимална помош.

Вкупната вредност на планот изнесува 2.422.000.000 денари, односно околу 39,3 милиони евра, а со мерките се предвидува опфат на 10.352 лица.

Најголем дел од средствата се насочени кон мерката за самовработување, која се реализира преку три повици и за која се предвидени 1.377.303.780 денари (околу 22,3 милиони евра).

Во рамки на мерката се опфатени три подкатегории. Првата се однесува на лица над 29 години, кои можат да добијат неповратна финансиска поддршка од 430.500 денари (околу 7.000 евра) за започнување сопствен бизнис. За оваа подмерка се предвидени средства за 660 лица.

Втората подмерка е наменета за млади до 29 години, со поддршка од 10.000 евра за основање бизнис, а се предвидени средства за 883 лица.

Третата подмерка се однесува на здружување на до двајца корисници за основање бизнис, со поддршка од 14.000 до 20.000 евра, при што највисокиот износ е наменет за содружници до 29 години. За оваа подмерка се предвидени средства за 500 лица, од кои 275 се млади.

Од Општина Битола информираат дека досега се поднесени околу 200 апликации од заинтересирани граѓани.

Share
Scroll to Top