Втора година по ред е откажан традиционалниот летен фестивал „Сан Фермин“, кој се одржува во шпанскиот град Памплона.
Градоначалникот на Памплона, Енрике Маја, како причини за откажувањето ја наведе короната, стравот од нова инфекција, оптоварувањето на болниците и бавната вакцинација во земјата и светот.
„Фестивалот не може да се организира преку ноќ. Ова е многу тешко. Никогаш не помислив дека ова може да се случи“, изјави Маја пред новинарите.
Фестивалот, кој се одржува во јули, привлекува стотици илјади туристи од целиот свет секоја година. За време на деветте фестивалски денови, луѓето се тркаат со бикови низ улиците на шпанскиот град Памплона. Трките со бикови се организираат секое утро во 8 часот, а потоа биковите трчаат од шталата до градската арена на околу 825 метри. Луѓето кои учествуваат во таа трка се претежно мажи традиционално облечени во бело, со црвени шалови околу вратот.
Овој настан датира од 16 век, во чест на светецот и заштитник на Памплона, Сан Фермин. Фестивалот беше овековечен од славниот Ернест Хемингвеј во романот „Сонцето повторно се раѓа“.