Научниците потврдија дека над тропските предели уште од 1980-тите години постои озонска дупка, седум пати поголема од онаа над Антарктикот. Според нивните проценки, наскоро секој втор жител во светот ќе ги почувствува последиците од нејзиното постоење.
Истражувачкиот тим од Универзитетот во Ватерло во Онтарио, предводен од професорот Чин Бин Лу, откри голема озонска дупка, за која постои сомневање дека е присутна во текот на сите сезони во долните слоеви на стратосферата и над тропските предели.
Заштитната улога на озонската обвивка беше потврдена во средината на 70-тите години на минатиот век, кога истражувањата покажаа дека обвивката апсорбира најмногу ултравиолетово зрачење, но може да биде трајно оштетена од индустриските хемикалии. Овие предвидувања се остварија по една деценија, кога за прв пат беше потврдено дека има оштетување на озонската обвивка над Антарктикот. Со текот на годините, научниците работеа на светско ниво да го забават овој процес и да ја забранат употребата на штетни хемикалии.
„Тропските предели сочинуваат половина од површината на планетата и се дом на половина од светското население. Затоа, постоењето на озонската дупка над нив може да предизвика зголемено ниво на УВ зрачење, што може да предизвика зголемен ризик од меланом и катаракта кај луѓето. Покрај здравствените проблеми, оваа појава може дополнително да ги намали приносите во земјоделството и негативно да влијае на загрозените видови и цели екосистеми“, рече професорот Лу.
Научниците објаснуваат дека е добро познато дека губењето на озонот води до стратосферско ладење и дека присуството на тропска озонска дупка во текот на целата година и појавата на сезонски поларни озонски дупки е предуслов за формирање на неколку „температурни дупки“ во долната стратосфера.
„Сегашното откритие бара детално следење на осиромашувањето на озонот во иднина, како и промени во УВ зрачењето, зголемен ризик од рак и други негативни ефекти врз здравјето и екосистемите во тропските региони“, објаснува Лу.