Перам алишта, делам тоалет со комашии, читам библија ама барем сум во земја на ЕУ, открива Ване Цветанов откако избега од Македонија

Перам алишта, делам тоалет со комшии, читам библија ама барем сум во земја на ЕУ, открива Ване Цветанов откако избега од Македонија

пред 1 година

Поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата, Ване Цветанов избега од Македонија, откако МВР му поднесе кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Се товари дека вршел незаконски јавни набавки, а исто така и за ангажирањето на бившата вереница Дунавка Трифуноска со која трошел државни пари за заеднички службени патувања.

Го оштетиле државниот буџет за 75.000 евра, но тој негира и вели дека против него се подготвувала хајка.  За Репортер ни рече дека не е во Бугарија како се шпекулира во јавноста, туку во друга земја.

„Јас сум во моментов во земја членка на ЕУ, но, поради интерес на постапката за азил не смеам да откријам во која“, рече Цветанов.

Тој објасни дека во моментов бара азил и дека ги минува истите патишта и процедури како и другите баратели од африканските земји и блискиот исток. Запознал голем број луѓе од различни култури.

„ Запознавањето други луѓе и култури е најинтересниот дел. По голем број поминати кампови и спиење во шатори сега сум во една зграда во која има 30 семејства и десетина самци. Имаме посебни соби за спиење, а користиме заеднички кујни, тоалети, купатила. Не е лесно, но се снаоѓам. Голем дел од животот сум го минал по интернати, студентски домови, па не ми е проблем да си ги перам алиштата во машина, уживам во готвење секој ден, читам библија и се молам на Бог“, ни открива Цветанов во разговорот за Репортер.

Во разговорот тој ни кажа и дека уште на лето алармирал дека против него се подготвувала хајка.

„Кога видов дека МВР подготвило пријава во која се предвидува затворска казна од 5 до 20 години затвор беше јасно дека ми ја запечатиле судбината. Затоа заминав од Македонија. Немам намера да бидам спотер или експирементален глушец за Оливер Спасовски. Немам намера да му дозволам да се дуе како паун и да се фали дека решил случај на корупција преку мене“, ни рече Цветанов.

Ване рече дека нема намера да се врати во Македонија и дека најтешко му било што морал да ги остави децата. Но и понатаму контактира со нив, а има во план и тие да дојдат да го посетат.

„Немам намера да се вратам за на права душа да лежам десет години затвор, а можеби и повеќе. Децата ми се најтешкиот дел од товарот што ми е на душа. Во период кога најмногу им требам, заради политичкиот маркетинг, СДСМ реши да ме уништи како човек и како татко. Децата се 13 и 14 години, разбираат сè, ја знаат состојбата, знаат што ме чека ако се вратам во Македонија дека ќе можат да ме гледаат на посети во затвор“, рече Цветановски.

Љубиша Владимиров

Share
Scroll to Top