Петре Прличко цел живот славеше роденден на измислен датум, а само неколку години пред смртта дозна кога точно бил роден

Петре Прличко цел живот славеше роденден на измислен датум, а само неколку години пред смртта дозна кога точно бил роден

пред 3 години

Во неделата, на 13 март, се одбележаа 115 години од раѓањето на нашиот легендарен актер Петре Прличко, доајен на Македонскиот народен театар. Тој е роден во Велес, каде живеел во населбата Којник со своето семејство, сè до својата 16-та година, кога одлучил да ја напушти гимназијата и да се приклучи кон патувачката група на Михајло Лазиќ. Но по членувањето во неколку театарски дружини, во 1931 година, го основал својот сопствен театар „Боем“.

Неговиот внук од ќерка му Анче, популарниот актер и шоумен Игор Џамбазов, во својата книга „Облечен човек“, напиша дека Приличко никогаш не дознал кога точно бил роден.

„За време на Првата светска војна, во пожар изгорела општинската архива на градот Велес. Целата таа генерација останала без какви било документи за раѓањето, без извод од матичната книга на родените, без никаква трага за своето битисување. Како да не постоеле. Кога дошло време дедо ми 5­ре да се јави на регрутација, да појде во војска, и на тој начин да им се оддолжи на Кралот и „отаџбината“, отишол до општината, па на прашањето кога е роден, тропнал од прва: „Тринаесетти март.“

Игор вели дека цел живот му го прославувале роденденот, токму на тој измислен датум. Иако повеќе сакал да се соберат на Петровден, на неговиот именден, кога во својот двор организирал скара и вино за најблиските, свирејќи гитара и опуштајќи се „до даска“. Но сепак, останала дилемата во семејството, кога е точниот датум на неговиот роденден.

„Неколку години пред да нè напушти, изрази желба да го однесам во неговата семејна куќа, на Којник. Дали тоа беше желба на човек што чувствува дека крајот му се приближува, тогаш сè уште не ми беше јасно. Важно дека отидовме. Нè пречекаа сите видни велешани. Се прошетавме малку низ Велес, малку повеќе низ Којник. Седнавме пред тамошната „кооперација“. Дедо ми 5­ре нарача пива и шприцери за цел Којник. Чоколатца за децата, цигари за возрасните, понекој автограм. Уживаше во тоа. И не го криеше. Него не го интересираше тоа што ќе кажат за него театарските и филмски критичари. Нему му беше најважно што мислат за него обичните луѓе. Кога тргнавме да си одиме со неговиот „форд таунус“, сретнавме едно деденце што седеше на скаличките од својата куќа. Додека поминувавме покрај него, дедо ми му кажа едно протоколарно „здраво“, па продолживме, вели Игор во својата книга.

Тој раскажува дека човекот го нарекол „побратиме“, по што станал со помош на бастумчето, тргнал кон Прличко, по што се поздравиле и прегрнале. На што, глумецот се зачудил и го запрашал: „Од каде бе, ти и јас побратими?“. Дедото седнал и му кажал дека двајцата се родиле во растојание од 24 часа. Прво тој, а утредента и Петре.

„Мајка му на дедо ми, мојата прабаба, немала доволно млеко за да го дои, па нејзината другарка и комшика, мајка му на побратимот, ги доела и двајцата. Дедо ми 5­ре ги рашири очите, а на усните му се разлеа една нежна и наполно смирена насмевка. Беше убеден дека конечно ќе го дознаеме точниот датум на неговото раѓање. Го праша деденцето:„А кога си роден ти бе, побратиме?“ Побратимот се потпре на бастунчето, па направи една голема и значајна драмска пауза. „Кога му умрело магарето на чичко ми Никола.“ Комплетната делегација се насмеа. Дедо ми најмногу. Го гушна побратимиот за последен пат. „Да си го ебеш векот, да си го ебеш, побратим“, напиша Игор.

Тој вели додека се враќале кон Скопје, постојано го зафркавал.

„Е па вампир, сега барем точно знаеме што треба да ти стои во личната карта, во рубриката ’датум на раѓање‘. Ќе си стои, убаво: Роден дента кога умрело магарето на Никола.“ Повлече еден голем дим од лулата, па го пушти радиото. „Дете, ќе си одиш пешки до дома…“, се сеќава Игор.

Марија Прличкова

Share
Scroll to Top