Синоќа ненадејно почина Јулија Николиќ (порано Партенко), поранешна репрезентативка на Македонија. Таа во својата кариера го носеше дресот на Кометал Ѓорче Петров и Вардар.
Партенко дојде во Македонија во 2003 година во тимот на Кометал Ѓорче Петров и брзо после тоа успеа да се најде и во репрезентацијата на Македонија. Шест години го носеше дресот на ѓорчепетровки, а потоа замина во Ускудар. Играше и во Франција и една сезона во Звезда Звенигород пред во 2013 година да дојде во Вардар.
Кариерата ја заврши во Вардар две години подоцна, а со Македонија беше дел и од големите натпреварувања. Важеше за голем борец на теренот. Во последните шест години беше надвор од ракометот.