Почина Ристо Стефановски, кој 26 години беше директор на Драмски театар

Почина Ристо Стефановски, кој 26 години беше директор на Драмски театар

пред 2 години

Денеска почина театрологот Ристо Стефановски во 94-тата година од животот, соопшти Драмскиот театар во Скопје, каде 26 години беше директор (1957-1983).

Во соопштението што ги испратија на Фејсбук, стои дека дополнително ќе ја известат јавноста за датумот на комеморацијата.

Стефановски е роден во 1928 година во Скопје, каде заврши Државна театарска школа, а потоа две години студираше глума на Театарската академија во Белград. Во периодот 1951 до 1960 година беше актер во Народниот театар во Скопје, а од 1957 година раководеше со Куклениот театар во Скопје кој подоцна се трансформираше во денешниот Драмски театар. Но беше и автор и уредник на театарското списание „Театарски гласник“ од 1977 година.

Во меѓувреме дипломираше на Факултетот за драмска уметност во Белград, отсек организација. Под негово раководство, Драмски театар Скопје го оствари најголемиот подем потвреден од најпрестижните театарски фестивалски награди и сојузни признанија. Од 1983 година беше генерален директор на Македонскиот народен театар во Скопје

Добитник е на многубројни награди, меѓу кои Стериината награда за животно дело на Фестивалот Стериино позорје, Нови Сад (1989); Наградата на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ за животно дело (1989); Три ордени за труд со бронзен, сребрен и златен венец, Одликувањето на Француската влада Palmes Academiques, и многу други.

Стефановски беше автор на  „Театарот во Македонија“; „Летопис на македонската драма и театар“, „Монографија“ – 30 години Драмски театар 1946-1976, заедно со Душко и Милош Константинов; „Од Хераклеа до Народен театар Битола“, „Турски театар“ монографија 1950-2010; „Македонска енциклопедија“ (дел за театар); „Мојот театар“ – Театарски вистини, записи, сведоштва, сеќавања и многу други.

Share
Scroll to Top