Фарските Острови ќе ограничат колку делфини може да се убиваат годишно, по минатогодишната крвава треска во која беа убиени повеќе од 1.400 во еден ден.
Петицијата со која се бара укинување на вековната традиција на убивање делфини во плиткото на Фарските острови собра 1,3 милиони потписници на почетокот на годината.
Поради неа властите наредија ревизија на законот. Со децении ловот на делфини беше силно критикуван од здруженијата за заштита на животните, но и од целата светска јавност.
Минатогодишниот невообичаен крвав масакр беше најмасовниот досега, со 1.423 убиени делфини во еден ден.
„Предлагаме годишна граница од 500 уловени делфини“, соопшти Министерството за рибарство. Во соопштението се наведува и дека минатогодишниот лов излегол од контрола и дека биле убиени невообичаено голем број делфини.
„Ваквиот вид на лов во иднина ќе ги направи ловните сезони неодржливи“, посочуваат надлежните, оправдувајќи го продолжувањето на практиката како важен финансиски аспект на жителите на Фарските Острови.
Ловот на морски животни, особено на китови и делфини, е познат како „гриндадрап“ и е традиција која трае веќе 800 години. Гриндадрап вклучува стада на делфини и пилот-китови во плиткото на плажите, каде потоа се убиваат беспомошни. Месото од китови и делфини сè уште се консумира, но во многу помала мера отколку во минатото.