„Премногу сум богата за да го пушам тоа“ - низ животот на Витни Хјустон девет години по смртта

„Премногу сум богата за да го пушам тоа“ – низ животот на Витни Хјустон девет години по смртта

пред 3 години

Девет години од смртта на легендарната пејачка. Родена на 9 август 1963 година во Њу Џерси и потекнува од семејство кое во Америка се сметало за музичка елита. Нејзината мајка Сиси пеела придружни вокали на Елвис Присли и Арета Френклин.

Во 1978 година Витни имала само 15 години и веќе тогаш почнала да пее придружни вокали на фанк-ѕвездата Чакa Кан, и тоа за песната I’m Every Woman, а таа песна станала хит, дури кога Витни ја препеа во филмот „Телохранител“ од 1992 година.

Пред да се прослави како пејачка таа успешно се занимавала со манекенство. Била првата Афроамериканка што се појавила во тинејџерскиот магазин Seventeen. Таа се фотографирала и за насловните страници на магазините Glamur, Cosmopolitan, а глумела и во многу реклами.

Нејзиниот прв албум „Витни Хјустон“ го издала во 1985 година, а тој станал најпродаваниот деби-албум што некој музичар го објавил.

Витни била најнаградуваната музичка ѕвезда со над 400 признанија, од кои шест награди „Греми“, две „Еми“ и 30 награди „Билборд“. Влегла и во Гинисовата книга на рекордите како најтиражниот изведувач со над 200 милиони продадени песни во светот. Објавила седум студиски албуми, кои биле продавани во дијамантски, платинести и златни тиражи.


Таа е единствената пејачка на светот што имала седум последователни број 1 хитови на листата на „Билборд“: Saving All My Love for You, How Will I Know, Greatest Love of All, I Wanna Dance with Somebody, Didn’t We Almost Have It All, So Emotional и Where Do Broken Hearts Go.

Витни била голем поборник на движењето на Нелсон Мендела. Додека се занимавала со манекенство, одбивала да соработува со агенциите што соработувале со Јужна Африка. Во 1988 година настапувала на стадионот „Вембли“ на прославата на 70. роденден на Нелсон Мендела, кој тогаш бил во затвор.

Пред да се венча со аренби-музичарот Боби Браун, Витни Хјустон се забавувала со ѕвездата на американскиот фудбал Рендал Канингем и со познатиот комичар Еди Марфи.

I Will Always Love You, нејзиниот најголем хит, всушност е римејк од песна од популарната американска кантри-пејачка Доли Партон.

Витни во 2012 година зборувала за употребата на наркотици во емисијата кај водителката Дајен Соер, а ова интервју ќе остане запаметено и како едно од најгледаните во историјата. „Како прво нешто да разјасниме. Крекот е евтин. Јас премногу заработувам за да го користам“.

Исто така, таа признала дека пуши марихуана, зема кокаин и таблети, но и демантирала дека има нарушување во својата исхрана. Губењето на килограмите им го препишала на уморот и на употребата на недозволени супстанции.

Над 15 години се борела со зависност, што наголемо влијаело врз нејзиниот живот и кариерата. За тоа зборувала и во некои од телевизиските настапи, па неколкупати била и на рехабилитација.

Славната пјачка почина на 11 февруари 2012 година во својот апартман во хотелот „Беверли Хилтон“. Била пронајдена во када во 15.30 часот.

Локалната полиција навела дека немало знаци на кривично дело, а на 22 март било објавено дека причината за нејзината смрт била давење како последица на срцевите проблеми со употреба на кокаин. Токсичните наоди откриле и траги од канабис и лекови за смирување во нејзиниот организам.

Share
Scroll to Top