Денеска во Велика Британија ќе се одржи државен погреб на кралицата Елизабета Втора која ќе биде испратена до нејзиното вечно почивалиште. На погребот најавени се да присуствуваат стотици монарси, претседатели и премиери, додека долж улицата во Лондон наредени се милиони луѓе да се збогуваат со кралицата.
Денот започна со затворање на вратите на Вестминстерската хала, каде што во изминатите денови стотици илјади луѓе поминаа покрај ковчегот со телото на кралицата. Многумина од нив со часови чекаа во редица за да ѝ оддадат почит. Денешниот ден е прогласен за национален празник. Погребот ќе се пренесува во повеќе од 200 земји и територии, како и на големи екрани низ цела Велика Британија.
Ковчегот на кралицата ќе биде пренесен во Вестминстерската катедрала во истата кочија со која биле превезени и кралевите Едвард Седми, Џорџ Петти и Џорџ Шести, како и Черчил, а на службата, која почнува на пладне по македонско време, ќе присуствуваат околу 2.000 луѓе. Меѓу нив ќе бидат и околу 500 светски лидери и монарси, од американскиот претседател Бајден до премиерот на Кукови Острови, Марк Браун. Ќе присуствува и речиси целото кралско семејство, со иклучок на четиригодишниот правнук на кралицата, Луис.
Во 16 часот, ковчегот ќе биде пренесен во капелата „Свети Џорџ“ во замокот Виндзор, каде што кралицата ќе биде погребана покрај својот сопруг, принцот Филип.