Голем број американски политичари се дигнаа против тамошните власти и побараа да му се дозволи на Новак Ѓоковиќ да игра на УС опен. По два сенатори, се огласи и Ричард Гренел. Поранешниот специјален пратеник на САД, побара од американските власти да му дозволат на тенисерот да игра и покрај тоа што не ги исполнува моменталните правила околу вакцинирањето.
„Дозволете му на Ѓоковиќ да игра во Њујорк. УС опен се понижува себе си кога му забранува на најдобриот тенисер на светот да игра“, напиша Гренел на „Твитер“.
За потсетување, Ѓоковиќ одлучи да не се вакцинира против ковид и поради тоа веќе има пропуштено неколку турнири, а може и да остане без учество на американската турнеја.
Директорот на турнирот во Монтреал, веќе зборуваше за тоа. И Ѓоковиќ зборуваше со новинарите во Србија, по спектакуларниот дочек во земјата.
„Немам многу опции, прашање е само дали ќе бидат отстранети рестрикциите за влез во земјата без вакцина или не. Ако дозволат ќе бидам таму, ако не, нема. Просто е, работата не е во мои раце. Во моментов размислувам за одмор, да се опоравам и се надевам на убави вести. Ако тоа се случи, супер, ако не, тогаш ќе го прилагодам мојот распоред“, рече Ѓоковиќ.