Револуција во лекувањето на ракот на дојка: Милиони жени би можеле да бидат поштедени од хемотерапија

Револуција во лекувањето на ракот на дојка: Милиони жени би можеле да бидат поштедени од хемотерапија

пред 4 часа

Нов геномски тест за рак на дојка би можел целосно да го промени начинот на кој се лекуваат милиони жени ширум светот, овозможувајќи им на лекарите прецизно да утврдат кои пациентки навистина имаат потреба од хемотерапија, а кои можат безбедно да ја избегнат.

Резултатите од големо меѓународно истражување покажуваат дека значителен број пациентки со најчестата форма на рак на дојка можат успешно да се лекуваат без хемотерапија, со што би биле поштедени од бројните несакани ефекти и физичкиот и психолошкиот товар што го носи овој третман.

Ракот на дојка е најчестата малигна болест кај жените во светот. По хируршкото отстранување на туморот, лекарите традиционално препорачуваат хемотерапија доколку постои ризик болеста повторно да се појави. Но, ваквиот третман често предизвикува сериозни несакани ефекти како опаѓање на косата, гадење, замор, несоница и ослабен имунитет, а кај дел од пациентките може да доведе и до неплодност, когнитивни проблеми или предвремена менопауза.

Научниците сега развија геномски тест наречен „Просигна“, кој анализира активност на 50 гени во туморското ткиво. Врз основа на добиените резултати, тестот го проценува ризикот од повторна појава на болеста во следните десет години и помага во донесувањето одлука дали хемотерапијата ќе има реална корист за пациентот.

Наодите од студијата „Оптима“, предводена од Универзитетскиот колеџ во Лондон, ќе бидат претставени на годишниот конгрес на Американското здружение за клиничка онкологија, најголемиот светски собир посветен на истражувањата за рак.

Во истражувањето учествувале 4.429 пациентки постари од 40 години со хормон-позитивен рак на дојка, форма која сочинува околу 80 проценти од сите случаи на рак на дојка во светот. Испитувањето било спроведено во Велика Британија, Норвешка, Шведска, Австралија, Нов Зеланд и Тајланд.

Учесничките биле поделени во две групи. Првата примала стандардна терапија која вклучувала хемотерапија и хормонска терапија. Кај втората група бил применет геномскиот тест, по што пациентките со висок ризик добивале и хемотерапија и хормонска терапија, додека оние со низок ризик биле лекувани само со хормонска терапија.

Резултатите покажале речиси идентични исходи. По пет години, 95 проценти од пациентките кои примале хемотерапија и хормонска терапија биле живи без повторување на болеста, додека истиот резултат бил забележан кај 94 проценти од жените кои ја избегнале хемотерапијата и биле лекувани само со хормонска терапија.

Според истражувачите, овие бројки јасно покажуваат дека кај пациентките со низок геномски ризик хемотерапијата носи многу мала или речиси никаква дополнителна корист.

Професорот Роб Штајн, главен истражувач на студијата и професор по онкологија на дојка на Универзитетскиот колеџ во Лондон, изјави дека ова истражување решава долгогодишен проблем во третманот на ракот на дојка.

„Нашите резултати покажуваат дека многу пациентки можат безбедно да ја избегнат хемотерапијата без да го зголемат ризикот од враќање на болеста. Ова претставува значаен чекор кон персонализирана медицина и третман базиран на биологијата на туморот, а не само на традиционалните клинички показатели“, истакна Штајн.

Сличен став има и професорот Ијан Мекферсон од Универзитетот во Глазгов, кој оцени дека резултатите претставуваат пресвртница во лекувањето на хормонски чувствителниот рак на дојка.

Експертите сметаат дека доколку резултатите бидат вклучени во идните медицински препораки, милиони жени ширум светот би можеле да избегнат непотребна хемотерапија, а здравствените системи да заштедат значителни средства преку попрецизен и поефикасен пристап во лекувањето.

Истражувањето дополнително ја потврдува важноста на персонализираната медицина, каде терапијата се приспособува на индивидуалните карактеристики на пациентот, наместо да се применува ист пристап за сите.

Share
Scroll to Top