Сопругата на НБА ѕвездата Коби Брајант доби 16 милиони долари поради објавени фотографии од телата на жртвите од хеликоптерската несреќа во 2020 година, во која, покрај Брајант, загинаа и нивната 13-годишна ќерка Џијана и уште седум лица.
Ванеса Брајант го тужи округот Лос Анџелес за нарушување на приватноста, откако ги обвини канцеларијата на шерифот и противпожарната служба за споделување грозоморни фотографии.
Крис Честер, чија сопруга Сара и ќерката Пејтон исто така беа меѓу загинатите, доби отштета од 15 милиони долари.
Ванеса Брајант, исто така, поднесе тужба против компанијата за изнајмување хеликоптери и имотот на пилотот кој исто така загина во несреќата. Округот Лос Анџелес веќе се согласи да плати 2,5 милиони долари за да се реши случајот што го поднесоа семејствата на другите жртви на несреќата.
Коби Брајант имаше 41 година кога загина во хеликоптерска несреќа во близина на Калабасас, Калифорнија. Тој играше за Лос Анџелес Лејкерс 20 години и освои пет шампионски титули во НБА. Се пензионираше во 2016 година.