Новосаѓанецот Никола Раѓеновиќ тргна на зимување во туристичкиот центар Јахорина во Босна и Херцеговина, со своето 37 години старо „Фиќо“. Со својот жолт автомобил тој помина 300 километри во возење по снег и планински превои. За овој потфат се подготвувал цели шест години, бидејќи морал да го доведе во состојба да може да поминува поголеми растојанија, пренесуваат српските медиуми.
Веста за ова необично патување ја сподели Јована Квржиќ.
„Ја имав таа чест да почувствувам зошто автомобилите се возат, а „Фиќото“ се сака. Никогаш не ми било јасно како семејство од четворица луѓе можеле да се стокмат во оваа кола сосе багаж, сѐ до денес, кога без мака нѐ собра сите тројца, високи скоро по два метра. Ги ставивме куферите и скиите на покривот и тоа е тоа“, вели таа.
Никола го добил „Фиќото“ од своите родители како роденденски подарок. Пред да стане жолт, тој имал окер-нијанса. За првпат бил регистриран на 6 декември 1984 година, последната година во која се произведувал моделот „Застава 750 Лукс Елегант“. Токму затоа, неговата вредност со текот на годините расте, бидејќи има сѐ помалку примероци на култниот автомобил кои се во возна состојба. Ова помалку го плаши сопственикот. Тој вели дека секогаш постои страв дека неговиот автомобил може да се расипе, но и дека веќе нема многу мајстори кои би можеле да го поправаат.