Британскиот пејач Стинг го продаде својот каталог од сите песни, вклучувајќи ги и соло делата, меѓу кои и хитовите со групата „Д’ Полис“, класиците Every Breath You Take, Roxanne, Shape Of My Heart, Message in a Bottle, Fields Of Gold, Desert Rose и Englishman in New York.
Легендарниот британски пејач и текстописец својот музички каталог го продаде на компанијата „Јуниверзал мјузик паблишинг груп“ која сега има ексклузивно право на сите негови песни и целиот негов труд.
Од компанијата не ги открија сите финансиски детали, но, американските медиуми проценуваат дека колекцијата песни на Стинг вреди околу 250 милиони долари. Компанијата ќе го земе целиот приход од авторските права на песните на Стинг и неговите авторски хонорари.
„Д’ Полис“, чиј коосновач, фронтмен и басист беше Стинг, објави пет студиски албуми помеѓу 1978 и 1983 година. Стариот бенд на пејачот имаше низа хитови како Every Breath You Take, Roxanne и други. Стинг беше дел од The Police, заедно со Енди Самерс и Стјуарт Коупленд.
Потоа продолжи да гради успешна соло кариера. Како соло уметник, објави десетина студиски албуми, почнувајќи од The Dream of Blue Turtles („Сонот на сините желки“) од 1985 година. Неговиот последен запис The Bridge беше објавен во ноември.
Има освоено 17 „Греми“ и три „Брит“ награди. Стинг рече дека е задоволен и воодушевен од тоа како компанијата и досега управувала со неговиот каталог, додавајќи дека му е важно неговите дела да имаат дом во кои ќе бидат ценети и почитувани.
„Апсолутно ми е од суштинско значење целиот мој опус да има дом каде што ќе се цени и почитува, не само да се поврзам со долгогодишните фанови на нови начини, туку моите песни да ѝ ги претставам на нова публика, на нови музичари и генерации“, рече 70-годишниот Стинг, кој во поголемиот дел од својата кариера е со светската етикета „Јуниверзал“.
Овој потег е најнова голема аквизиција на издавачката групација, откако склучи договор со Боб Дилан во 2020 година. Ваквиот тренд во голема мера е поттикнат од очекуваната стабилност на растот на стриминг во комбинација со ниските каматни стапки и сигурните проекции за заработка за безвременските хитови.
Исто така, доаѓа во време кога дискографските куќи и инвестициски фирми ги откупија правата на песни и снимки од бројни музичари како Дејвид Боуви, Флитвуд Мек и Тина Тарнер, како и Блонди, Тејлор Свифт, Дејвид Гета и Шакира.