Британската тенисерка Ема Радукану (18) е ново заштитно лице на модната компанија „Диор“. Таа потпиша договор со светската модна куќа еден месец по победата на „Ју-ес опен“.
Тинејџерката ќе ја промовира новата колекцијата женска облека на француската луксузна модна куќа, и нивните козметички линии. Таа веќе носеше фустан од „Диор“ на премиерата на филмот „Не е време за умирање“, а тој фустан го дизајнираше креативната директорка на компанијата, Марија Грација Чијури, и е дел од колекцијата за 2022 година.
За потсетување, Радукану го привлече вниманието на јавноста со одличниот настап на овогодишниот Вимблдон во текот на летото, и изненади со освојувањето на „Ју-ес опен“, кога ја победи една година постарата Канаѓанка Лејла Фернандез.
Ема стана првата квалификантка која освоила гренд-слем титула.