Холандскиот диџеј и продуцент, Тиесто, на 16 јуни ќе настапи на стадионот на АРМ во Скопје. Ова ќе биде трет настап на светскиот диџеј во Скопје, кој пред 12 години последен пат се претстави пред македонската публика, објави „Авалон продукција“.
„Најголемиот регионален настан на електронска музика ова лето ќе се случи во Скопје со најголемата и најконзистентна ѕвезда на електронската музика на сите времиња – Тиесто. Неговиот настап е ексклузивен бидејќи последниве неколку години настапува или во Америка или на големи фестивали како Ултра мјузик и Тумороулленд, и има селективни соло настапи низ Европа. За да го реализираме ова гостување ги искористивме и емоциите на Тиесто поврзани со Скопје кои ги искажа на неговите два настапа во наша организација пред околу 15 години, кога електронската музика не беше ни приближно популарна и масовно прифатена како што е сега“, велат организаторите на концертот.
Во текот на речиси тридецениска кариера, Тиесто со бројни хитови придонесе за популаризација на електронската музика и е еден од најплатените и најнаградувани диџеи на светот. Неговата дискографија брои шест студиски албуми, од кои последниот излезе пред две години. Во периодот од 2002 до 2012, постојано беше меѓу тројцата најдобри светски диџеи според рангирањето на британскиот „Диџеј магазин“. Во 2015 освои и Греми награда.
Влезниците за настапот на Тиесто ќе бидат во продажба од петок, 18 февруари, и тоа 1.500 денари во партер, 2.000 денари за фан-пит и 3.000 денари за вип влезници.