Туристите на Тајланд задолжителниот карантин може да го минат на јахта

Туристите на Тајланд задолжителниот карантин може да го минат на јахта

пред 6 години

Иако туристите во Тајланд мора да поминат задолжителен двонеделен карантин кога ќе влезат во земјата, тие отсега карантинот може да го минат на јахта. Ова е уште еден обид да заживее туризмот во Тајланд, што драстично се намали поради светската пандемија. Владата се надева дека оваа нова иницијатива ќе го развие дополнително туризмот со јахти, и ќе го зголеми приходот, кој изнесува околу 58 милиони долари само од оваа дејност.

Во јануари, земјата објави шема што им овозможува на туристите да го минат карантинот на терени за голф, па и јахтите се дел од таа стратегија. Програмата ќе им овозможи на туристите со негативни тестови, задолжителниот карантин да го минат на крстосувачки брод во тајландските води.

Се очекува да се пријават вкупно околу 100 јахти за пробниот период. Туристите притоа ќе мора да носат и паметна нараквица која ќе ги следи нивната температура, крвен притисок и местоположбата.

По забраната за странски туристи лани во март, Тајланд постепено почна да ги отвора своите граници во октомври. Минатата недела, Министерството за туризам предложи план за карантин на популарни туристички места, вклучително и одморалишта на плажа. Овој план ќе почне да се спроведува во април и мај во туристичките места Пукет, Краби и Чијанг Маи.

Share
Scroll to Top