Универзална сала нема да се урива, по шест години почнува нејзина реконструкција

Универзална сала нема да се урива, по шест години почнува нејзина реконструкција

пред 3 години

Универзалната сала нема да се урне, како што беше најавувано изминативе години, туку ќе се реконструира во сегашниот облик и големина, кажа денес на прес конференција градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов. Реконтрукцијата почнува скоро шест години откако Универзална престана да работи, а според Шилегов, таа треба да биде спремна догодина, пред почетокот на новата концертна сезона.

„Имајќи предвид дека стручната фела се изјасни дека на локацијата на Универзалната сала не е возможно да се изгради објект со поголеми димензии, мојата желба беше да се реконструира Универзалната сала, а да изградиме нова концертна сала на друга локација“, кажа градоначалникот.

Средствата за реконструкцијата ќе се добијат по новиот ребаланс на Буџетот, коj треба да биде изгласан деновиве. Во меѓувреме ќе се вршат проценки и пресметки за веднаш штом се добијат средствата да се почне постапка за јавни набавки и што е можно побргу да започне реконструкцијата на салата.

Универзална сала е затворена од 10 март 2015 година, кога се се откорна парче од таванот и падна врз седиштата. По ова беа одложени сите планирани настани, а одговорните решија наместо да го поправат таванот да почнат со целосна обнова на салата. Долго време се најавуваше дека салата ќе се урива и дека тука ќе се гради парк или друг објект, но граѓаните протестираа и преземаа иницијатива едно од обележјата на Скопје да остане во својот познат облик.

Универзална сала е изградена по скопскиот земјотрес и е донација од Бугарија. Таа е копија на софискиот циркус.

Share
Scroll to Top