Холандските фудбалери се заканија дека ќе го напуштат теренот на мечот против Чешка во осминафиналето на Европското првенство, ако дојде до некаков инцидент и расистички скандирања на трибините.
Двете репрезентации ќе се сретнат на Пушкаш Арената во Унгарија, стадионот каде веќе беа видени слични расистички испади против францускиот фудбалер Мбапе. Инцидентот се случи на мечот меѓу Франција и Унгарија, а од УЕФА покренаа истрага.
Расизмот е нешто против кое УЕФА води голема борба со години, а на ова Европско натпреварите се играат пред помалку навивачи на стадионите, па оттука и проблемите се помали.
Но, капитенот на Холандија Жоржињо Вајналдум изјави дека ќе го напушти теренот со неговите соиграчи, ако дојде до непримерни скандирања од трибините во Унгарија.
„Размислував за тоа. Прво си помислив да излеземе од теренот. Но, тоа е полесно да се каже отколку да се направи. Досега сум немал јас таков проблем. Тогаш почнав да размислувам повеќе за тоа, затоа што свесен сум дека играме во Унгарија. Што ако играме против послаби репрезентации, а навивачите тоа го знаат. Поради тоа тие те провоцираат да излезеш од теренот и прават намерно да го изгубиш натпреварот“, рече Ванјалдум во интервју за холандски „АД“.
Капитенот на Холандија се надева дека од УЕФА ќе застанат во негова и одбрана на неговите соиграчи, доколку дојде до такво нешто, а и самиот тој ќе побара помош од судиите.
„Ќе зборувам со судијата во истиот тој момент, но, тоа ќе се случи за миг, јас тоа досега никогаш го немам почувствувано и се надевам дека никогаш и нема. Некои играчи своеволно го напуштаат теренот, но, доколку судијата и противникот не ги поддржат, тогаш тоа не значи ништо“, вели Вајналдум.
Холандскиот фудбалер кој досега е стрелец на три погодоци на Европското првенство засега вели дека се уште не одлучил што ќе прават.
„Не ја исклучувам можноста да го напуштиме теренот, ако нешто се случи во неделата“, рече тој.
Холандија заврши прва во групата Ц, во која беше и Македонија. Два од вкупно трите погодоци, Вајналдум ги постигна на мечот со Македонија.