По две години хибридно издание на меѓународниот филмски фестивал Киненова, седмото издание се враќа со филмски премиери во кино салите.
Хрватскиот актер Горан Богдан ќе биде гостин на отворањето на Киненова и двајцата млади режисери кои се потпишуваат на филмот „Чичко“ со кој започнува официјалната програма на фестивалот.
Главната селекција на фестивалот содржи осум филмови. Отворањето ќе биде на 7 ми октомври во кино Милениум, со хрватскиот филм „Чичко“ на двајцата млади режисери Давид Капац и Андрија Мардешиќ.
„Останатите седум филмови се од различни кинематографии од Србија, Косово, Романија, Полска и еден документарен филм од Италија. На фестивалот ќе има споредни програми со кои се задржува сензибилитетот на фестивалот. Филм на Австриецот Михаел Ханеке и „Режисерот во фокус“, чии први три филмови го трасираа неговиот пат до европскиот и светски врв, потоа, изборот на филмови од актуелната португалска и ирска кинематографија, како и соработката со полскиот фестивал „Вистула““, изјави за Репортер селекторот на фестивалот, Игор Анѓелков.
Киненова изминатите години беше домаќин и на бројни актерски имиња како Мира Фурлан која беше гостинка на првото издание на фестивалот. Меѓу другите беа Бранка Катиќ, Жарко Лаушевиќ, како и српскиот режисер Горан Марковиќ. Покрај актерот Горан Богдан, оваа година гостинка ќе биде и унгарската режисерка Илдико Енједи.
„Добитникот на највисоката награда на фестивалот за особен придонес во филмската уметност е најзначајната и големата унгарска режисерка во моментов Илдико Енједи. Таа ќе има свој мастерклас во Кинотека на Македонија, тоа е стручен мастерклас пред се за филмските професионалци и автори, но ќе биде отворен за широката јавност“, рече директорот на МФФ Киненова, Небојша Јовановиќ.
Илдико ќе сподели филмски искуства за снимањето на победникот на Берлиналето во 2017 година, филмот „За душата и телото“, финалист и за Оскар.
За филмски имиња да бидат гости на фестивалот потребен е голем ангажман, но и желба да бидат гости.
„Имаат голема желба да дојдат, но кога станува збор за големи професионалци, барани и славни, тоа може тешко да се усклади со нивната агенда. Тоа е голем работа да се натокмат датумите и периодот и тоа се месеци, месеци преговарање. Потребно е многу трпение, љубов и ентузијазам, ние со доста мали симболични ресурси го правиме фестивалот“, рече директорот на Киненова.
Филмскиот фестивал започнува од 7 до 14 октомври, проекциите ќе се одржат дел во Кинотеката, дел во кино Милениум, а билетите ќе бидат по цена од 100 денари.
Габриела Додевска