Четиригодишната Умејра ја победи леукемијата и си замина од Детската клиника во Скопје. Таа заѕвони на победничкото ѕвонче, исто како што прават сите деца кои го победиле ракот и си заминале дома. Пред Клиниката, Умејра ја пречекаа татко ѝ, браќата и нејзината сестра близначка, Унејса.
Умејра боледувала од леукемија, која ѝ била дијагностицирана на почетокот на годината. Нејзината мајка Несрин, за ТВ21 вели дека битката против болеста била тешка, но дека тие не се предале. Во борбата со ракот имале голема помош од медицинскиот персонал на Клиниката, но и од роднините.
„На два месеца пред да наполни четири години, на Умејра ѝ беше дијагностицирана акутна леукемија. Тоа се случи на 17 јануари годинава. Моментот кога лекарите ни ја соопштија веста за мене беше многу тежок, за мене како мајка и за целото семејство. Фала му на Господ досега сѐ помина добро“, вели таа.
Умејра уште одреден период ќе продолжи да прима терапија и да ги прави потребните прегледи за да бидат сигурни дека болеста не се вратила.
„Сите родители чии деца боледуваат од оваа болест треба да имаат храброст и многу трпение“, вели Несрин.