На „Нетфликс“ наскоро ќе ќе се прикажува документарниот филм „Арнолд“ во кој актерот Арнолд Шварценегер зборува за својот живот. Во филмот им се извини на сите жени кои сексуално ги вознемрувал пред да се кандидира за гувернер на Калифорнија.
Пет дена пред изборите за гувернер во Калифорнија во 2003 година, „Лос Анџелес Тајмс“ објави извештај во кој шест жени го обвинија дека ги допирал и понижувал без дозвола. Шварценегер ги отфрли и тврдеше дека извештаите биле измислени.
„Мојата реакција на почетокот беше дефанзивна. Но, денес работите ги гледам реално. Тоа беше погрешно. Заборавете на сите изговори, тоа не беше во ред“, рече Шварценегер во серијата на „Нетфликс“, а пренесе „Ролинг Стоун“.
И покрај обвинувањата, Шварценегер сепак победи на изборите. Истрагата на Лос Анџелес Тајмс на крајот не влијаеше на анкетите, па дури и на неговата кариера.
„Мене лично ме изненади тоа што немаше поголем ефект на изборите. Мислев дека повеќе луѓе ќе бидат навредени. Кога Шварценегер објави дека се кандидира за гувернер, персоналот на „Лос Анџелес Тајмс“ веднаш тргна да ги истражи приказните што ги слушавме со години, а кои никој навистина целосно не ги имаше истражено. Имавме едвај шест недели да работиме на случајот и почнавме да разговараме со жените“, рече во документарецот репортерката на „Лос Анџелес Тајмс“, Карла Хол.
Во документарецот актерот зборуваше и за моментот кога на поранешната сопруга Марија Шрајвер ѝ признае дека ја изневерил. За потсетување, Арнолд имаше афера со долгогодишната куќна помошничка Милдред Баена со која доби син.
„Мислев дека срцето ми застана кога и ја кажав вистината. Да, Марија. Јосиф е мојот син“, откри Арнолд, како ѝ призна сè на сопругата во 2011 година додека оделе на брачен советник. Таа потоа побара развод.