Шест месеци играв Дота од утро до мрак за да не мислам на паничните напади, Дарко Влогс првпат проговори за анксиозноста

Шест месеци играв Дота од утро до мрак за да не мислам на паничните напади, Дарко Влогс првпат проговори за анксиозноста

пред 2 години

Инфлуенсерот Дарко Јефремов, познат уште како Дарко Влогс, со години живее и работи како камионџија во Чикаго, САД. Со него од неодамна живее и неговата сопруга Даниела од Битола, со која се ожени лани во август. Тој често споделува видеа од неговиот секојдневен живот на Инстаграм, па така и овој пат, кога првпат со солзи во очите искрено проговори за проблемот со анксиозноста, паничните напади, но и од каде поттикнува сето тоа.

Тој во видеото анксиозноста ја доживува како ситуација за која човекот што се бори со неа, не може да му објасни на човек што не е анксиозен. Тој вели дека сите оние што ја имаат оваа состојба, знаат како таа влијае врз нивниот живот. Тој додава дека луѓето често немаат разбирање за анксиозните луѓе, па дури и тој не ја сфаќал сопствената мајка кога се соочувала со овој проблем.

„Живеев во Скопје, а студирав во Битола, по што заминав на брод да работам, каде ја запознав мојата прва жена, која ме убеди да дојдам тука во Америка. После 2 месеци заеднички живот забележав дека нешто не е во ред и дека таа е патолошки лажго. Не сакам да откривам детали затоа што сè ми се случуваше, бидејќи не сакам да се навраќам на тие моменти затоа што ми се загрева телото. Едвај ги заборавив тие моменти, но се потсетив пред една недела кога почнавте да ми раскажувате ваши ситуации на Инстаграм Стори“, вели Дарко.

Тој додаде дека се соочил со многу стресни ситуации како пукање, бркање со ножеви и тепање, кои ги доживеал буквално како борба за живот

Бев во премногу лоша ситуација затоа што бев дојден тука сам, ниту пријатели, ниту роднини, ниту знаев некого за да можам да му кажам за да ми помогне, а особено не можев тие ситуации да им ги кажувам на моите дома, па на нив да им правам стресови. Па сета паника се собираше во мене, а јас не можев на никој да кажам“, вели Дарко.

Тој додава дека живееле 10-12 луѓе во огромната куќа на нејзиното семејство. По петмесечна борба со самиот себе, нејзините сфатиле што се случува и одлучиле да ја избркаат од дома, а него го вдомиле додека да застане на свои нозе и да си ја подобри својата ментална состојба. Иако цело време биле свесни за тоа низ што сè помува, сепак не знаеле како да му помогнат.

Дарко се осврна на моментот кога почнала да го напаѓа анксиозноста, велејќи дека во еден период пушел по три кутии цигари на ден и многу пиел, а премалку јадел.

„Некои вечери се будев буквално со чувство дека срцето ќе ми излезе, некоја болка ме стегаше во градите и немав воздух, како да се гушев. Тогаш не знаев дека поминувам низ нешто. Не бев едуциран. Исто така и мајка ми кога имаше анксиозност, ние ја правевме жената будала, ништо не ти е, доста глумиш. Затоа што не знаевме тогаш што е“, вели Дарко.

Тој додава дека уште поголема паника го фатило што во Америка немал ниту здравствена книшка.

„Едноставно лежиш во кревет, се препотуваш и броиш до 100, обидувајќи се да се смириш. Така беше 16 дена и на 17-тиот се обидов да најдам решение. Ме мачеше што да правам, што ако се вратам дома, понижувањето, како ќе објаснам зошто жената ме оставила, како на домашните да им објаснам што поминав, самиот си ги правев сите стресови и сфатив дека треба да најдам нешто за мозокот да ми биде зафатен со некои работи“, вели Дарко.

Тој додава дека размислувал да почне да се занимава со некоја физичка активност како пешање или трчање, имање милениче и така дошол да идејата да започне да игра Дота. Почнал да ја игра од утро до мрак, цели шест месеци. Паничните напади му се намалиле бидејќи се заморувал од играње. Потоа земал работна дозвола и возачка дозвола, бидејќи стресот од враќање дома се изгубил. Сфатил дека му треба работа и штедење, цврсто верувајќи дека ќе успее.

„Дотата многу ми помогна. До ден денес имам последици од анксиозноста, не можам да кренам на телефон кога ми се јавувате, сакам преку пораки да ги решам работите, од журки со многу луѓе ме фаќа паника. Среќа ми е Бебо (сопругата Даниела), таа е мојот баланс за сите мои работи. Со неа можам да се опуштам меѓу луѓе, да прошетам каде сакам, да направам муабет кога сме со друштво. Со неа се чувствувам посигурен, се опуштам“, вели Дарко.

Тој додава дека ова било неговиот полесен начин јавно да се искаже за тоа низ што сè поминал.

„Супер сум дечки, ова е само момент. Сега ќе спуштам камерата, ќе изиграм една Дота и ќе се опуштам“, вели Дарко.

По видеото, тој објави и стори на Инстаграм.

Share
Scroll to Top